Здравствените препораки за умерено јадење и консумирање алкохол и натаму важат.
Охриѓани дисциплинирани за време велигденските и првомајските празници. Иако годинава предизвикот да се биде умерен и да не се претерува со храна и алкохол, бидејќи двата празници беа во ист ден, сепак дежурните служби и во здравството и во полицијата со многу малку настани во нивните дневни билтени. Посебно велигденските празници изминативе години се покажувале како време кога помалку се внимава на внесувањето на храна и пијалоци, а кое може да има последици ако се земе предвид и долгиот пост кој им претходи. Годинава сепак мирно, а најмалку работа во медицинските установи, се чини имало во интерното одделение при Општа болница-Охрид.
„Нема правено приеми на нови пациенти кои имаат алкохолно труење и интоксикации од прејадување. Нашите граѓани се едуцирани во овој поглед, веројатно знаат како треба да се однесуваат, се придржуваат на тоа и засега немаме никакви проблеми. Секогаш за време на празници, за време на летните одмори, имаме дежурни екипи на сите одделенија, приправност и на други лекари, така да распоредите однапред еден месец се прават и во тој поглед сме обезбедени за сите изненадувања.“-вели д-р Љубен Арнаудов-Директор на Општа болница-Охрид.
Во дежурната служба на Итната медицинска помош пак бележат тројно, па и четворократно зголемување на бројот на прегледи, односно посети од страна на пациентите.
„Во однос на дијагнозите покрај вообичаените имаме дијагнози кои што се однесуваа пред се заради исхраната, односно прејадување или со стомачни и желудочни проблеми и болки. Понатака доста пациенти со зголемен крвен притисок и интересна појава, имавме доста голем број на пациенти со колапс односно со пад на крвниот притисок, исто во однос на сообраќајките, релативно мирен викенд, само две сообраќајни незгоди, едно акутно пијанство и уште една тепачка регистрирана каде што имаше потреба од наша интервенција.“-рече д-р Горан Симјаноски-Раководител на Итна медицинска помош.
Без позначајни интервенции за време на велигденските и првомајските празници и Секторот за внатрешни работи од Охрид.
„Од безбедносен аспект првомајските и велигденските празници во Охрид поминаа во поволна безбедносна атмосфера. СВР Охрид не регистрира некои позначајни нарушувања на јавниот ред и мир, ниту се евидентирани сообраќајни незгоди на подрачјето на градот. И покрај зголемената фрекфенција на патнички и други моторни возила која најизразена беше во централното градско подрачје, сепак полициски службеници беа присутни на терен и се регулираше сообраќајот во оние места каде што тоа беше неопходно.“-изјави Стефан Димоски-Портпарол на СВР-Охрид.
И покрај мирно изминатите празнични денови, сепак сите служби, и медицинските, како и службите кои се грижат за безбедноста и јавниот ред и мир потенцираа дека работеле во состојба на приправност и екипираност со цел да нема никакви инциденти, или пак доколку би ги имало истите да бидат брзо разрешени. Но, сеуште е Велигден и трпезите се полни, така да предупредувањата за внимателна консумација на храна и пијалоци и понатаму важат.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град