Покрај можноста своите мислења, предлози и идеи да ги достават по електронски пат на веб страната на Општина Охрид, тие денес можеа да пополнат анкетен прашалник на штандот пред општинската зграда.
Започна и теренското спроведување на анкетата со која охриѓани ќе може да го дадат својот придонес во изработката на Планот за одржлива урбана мобилност. Од неодамна, анкетниот прашалник беше поставен за пополнување на електронски на општинската веб страница, а веќе од денес службите на општината, поставија и штандови на две локации во градот,каде граѓаните лично можеа да го пополнат анкетниот прашалник и да ги достават своите мислења, предлози и идеи во изработката на планот, пред раководителите на општинските сектори.
„Да видиме што сакаат повеќе, дали сакаат повеќе моторен сообраќај во центарот на градот, дали сакаат повеќе пешачки сообраќај, дали сакаат стариот дел на градот делумно да е затворен за моторен сообраќај, дали целосно да е затворен, или да биде отворен како сега, дали се задоволни од инфраструктурата, нормално со акцент на безбедноста во одвивањето на целокупниот сообраќај“, кажа Зоран Шикалески – Раководителот на одделението за комунален развој и сообраќај.
Овие активности се преземаат со цел да се оптимизира ефикасноста на сообраќајот, да се подобри мобилноста на пешаците и велосипедистите, да се промовира значењето на е-мобилноста во насока на намалување на емисиите на CO2, да се растовари сообраќајот во централно градско подрачје, да се зголеми нивото на безбедност и сигурност на граѓаните и да се подобри социјалната интеграција и еднаквост. ПОУМ ќе опфаќа период од десет години и ќе даде насока за урбан и инфраструктурен развој на Охрид, истакна Зоран Шикалески – Раководителот на одделението за комунален развој и сообраќај.
„Веќе е формирано координативно тело во чиј склоп ќе има разни комисии и други органи, посебни комисии има за сите видови сообраќај, анкетите ќе се сумираат во табели и согласно содржината на анкетата, посебно ќе се третираат резултатите за сите видови сообраќај, и полсе се тоа ќе влезе посебно во планот за урбана мобилност“ објасни Зоран Шикалески – Раководителот на одделението за комунален развој и сообраќај.
Во овој паметен вид на планирање, за разлика од традиционалниот пристап на планирање посебен акцент се става на активното вклучување на граѓаните од самиот почеток на процесот.Еден од штандовите беше поставен од 09.00 до 12:00 часот пред зградата на Општина Охрид, додека другиот од 18.00 до 20:00 часот на Плоштадот кај Чинарот.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град