Охриѓани го слават својот чудотворец Свети Еразмо Охридски

Овој свештеномаченик познат по своите чудотворни моќи, игра огромна улога во ширењето на христијанството во Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 
sveti Erazmo
свети Еразмо

Црквата на Свети Еразмо вчера и денес вистинско збиралиште на христијаните. Автомобили од сите страни, врвици на луѓе кои пеш тргнале да се поклонат и да запалат свеќа на големиот свештеномаченик. Овој голем христијански празник има посебно место во срцата на охриѓани бидејќи се смета дека токму Свети Еразмо ја има можеби најголемата улога во ширењето на христијанството во некогашен Лихнидос или денешен Охрид. Во пештерската црква на Свети Еразмо на излезот од Охрид, православните христијани редовно доаѓаат, посебно за овој ден.

osvetena ceshma sv.Erazmo„Секогаш, секоја година и кога ќе ми текне во текот на годината секогаш доаѓаме и се чувствувам убаво на душата.“

„Често. Лани бев, секоја година сум. Доаѓам, палам свеќи за здравје, за домашните итн.“-велат охриѓани.

Свети Еразмо Охридски меѓу народот е познат како заштитник на патниците и возачите, но и како чинител на многу чуда. Се смета дека античкиот Лихнидос или денешен Охрид, бил градот каде што Еразмо еден подолг период ја извршувал својата мисионерска дејност.

Тој таму се задржал повеќе години работејќи како мисионер, вршејќи разни чуда меѓу локалното население од кои најкарактеристично е воскреснувањето на синот на видниот Лихнидиец Анастас и покрстувањето на 40.000 нови верници. Од многуте преданија и верувања поврзани за овој светец, кај народот особено внимание привлекува големата чешма што се наоѓа веднаш под патот, а во близина на црквата.

Sveti Erazmo Ohridski„Дури не се покрсти водата не смее да се полни за здравје, крстената вода не смее да капне долу, прво треба да се напиеш, па да се измиеш. Децата ако имаш дома да ги искапиш и потоа со крстена вода да ги измачкаш, таков обичај имаме Охриѓани.“

„Полниме ние секогаш и се крстиме кога поминуваме накај Охрид или враќајќи се накај Охрид, нон стоп му даваме благослов на светецот.“

„Ако веруваш е лековита и служи за многу работи и за деца и за возрасни. Но ако не веруваш некако како да не се фаќа многу.“-рекоа охриѓани.

Свети Еразмо според преданијата е родум од Антиохија, а живее во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Во Лихнидос или Охрид, доаѓа за да го проповеда Евангелието и да го рашири христијанството. Ова не наоѓа на одобрување кај царот Максимијан кој наредил сите покрстени христијани да бидат заклани. Свети Еразмо бил измачуван, а потоа фрлен во затвор. Според легендата ангелот божји му се јавил на Свети Еразмо и го избавил од затворот. По ова тој се враќа во градот Хермелија каде се повлекува во една пештера се до неговата смрт. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top