Ристе Балевски истрча 21 километар и ја пренесе пораката за помош на лицата со ретки болести. Тој на интернационалниот полумаратон во Париз, Франција, на кој се натпреваруваа учесници од целиот свет, беше обоен во боите на лицата со ретки болести, со цел, да потсети дека овие лица постојат и дека не смеат да бидат заборавени од околината во која живеат, а пред се од државата.
Охриѓанецот Ристе Балевски дури во Париз ја пренесе пораката за помош на лицата со ретки болести. Тој пред десеттина дена учествуваше на интернационалниот полумаратон во Париз, Франција, на кој се натпреваруваа учесници од целиот свет. Носејќи ги на себе боите и шарите кои се заштитен знак на лицата со ретки болести, Ристе со голем елан и мотивираност ја истрча рекреативната трка, посветувајќи им ја на овие лица, на лицата со аутизам, со хендикеп, но и на својот роден град и држава.
Уште од моите студентски денови бев во контакт со такви деца и сега моментално тоа и го работам и едноставно не сакав да бидат заборавени таквите лица од околината во која живеат, а пред се од државата, вели Балевски.
Не е прв пат Ристе да учествува на маратонски трки. Тој бил дел од маратонската трка во Скопје и од „Охрид трчат“. Но, предизвик му бил токму полумаратонот во Париз кој е во должина од 21 километар, а на него оваа година учествувале 50.000 натпреварувачи од цела Европа и од Светот.
Париз ми беше место каде што отсекогаш сум сакал да одам и еве ми се исполни сонот. Се пријавив на моја иницијатива и со поддршка на моето семејство заедно заминавме за Париз за да учествувам на овој полумаратон, вели Балевски.
Ристе на полумаратонот во Париз учествувал на сопствен трошок, но тоа не го спречува и понатаму да биде дел од вакви спортско-рекреативни настани, на кои, покрај својата љубов кон маратонското трчање, има и една уште поблагородна мисија, а тоа е да ја шири хуманоста низ светот. Тој вели дека и нашиов град има идеални услови за вакви настани, но дека потребен е поголем интерес кај граѓаните.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град