Жртвата по нападот била примена во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“. СВР Охрид против напаѓачот поднел кривична пријава за нанесување тешки телесни повреди а судот му одреди мерка притвор.
51 годишен охриѓанец и нанесол тешки телесни повреди на својата ќерка во семејниот дом во Охрид. Жртвата, по нападот, била згрижена во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“. Полицијата која констатирала алкохолизираност кај напаѓачот истиот го привела и лишила од слобода. Воедно против него била поднесена кривична пријава за нанесување на тешка телесна повреда, а му била одредена и мерка притвор во траење од осум дена.
Свежи се сеќавањата на охриѓани на случајот со семејно насилство кој беше регистриран само 15тина дена порано, по што од СВР-Охрид беше поднесен и предлог до Основниот суд од Охрид за изрекување на мерка отстранување од домот без оглед на сопственоста, забрана за заканување дека ќе стори семејно насилство и задолжително лекување од алкохолизам во траење од една година. Елементи на семејно насилство според портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски има и во овој случај, но во моментот кривичната пријава се однесува само на казненото дело „тешка телесна повреда“. Се поставува прашањето што можат да преземат надлежните институции во ваков случај. Дали случајот ќе се следи со цел да се утврди дали насилникот откако ќе се врати во домот ќе го повтори делото. Драгица Попоска од невладината организација „Езерка“ од Струга, вели дека согласно последните измени на Законот за превенција на семејно насилство, жртвата не е таа која заради безбедност се отстранува од домот.
„Сега по новите закони, треба да се отстрани насилникот. Таа надлежност ја има полицијата и законите се многу строги и ригорозни за неспроведување на истите. Исто така, новина е тоа што и ако соседите кои што знаат, а нема да пријават семејство, ќе бидат исто така казнети. Што значи дека се повеќе и повеќе се штити жртвата. Насилникот се отстранува од својот дом и исто така добива задолженија да не биде виден во близината на домот на семејството, ниту да го вознемирува по интернет, телефон или со досадување, префрлување или да ги испраќа роднините да ги вознемируваат жртвите.“-вели Попоска.
Според Попоска, за што поголема заштита на жртвите на семејно насилство, потребно е прифатилиште за нивно сместување и пружење на психосоцијална поддршка од страна на Центарот за социјални работи како и невладините организации кои ја третираат оваа проблематика.
„Ние упорно бараме и апелираме да добиеме и за Охрид и за Струга еден центар за згрижување на жртвите, нека биде и од времен карактер, и со пократкотраен рок. Се надеваме на Владата на Република Македонија дека ќе ни обезбеди во 2015та да го добиеме тој центар бидејќи проблемот што го истакнавме е прифатлив и ветено ни е дека ќе се потрудат да го добиеме тој центар кој што многу ќе придонесе и за безбедноста, а исто така и за правната и психосоцијалната поддршка за жртвите на кои им е многу потребна.“-рече Попоска.
Инаку според портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски, неколкуте мерки кои им се изрекуваат на сторителите на семејно насилство се во насока на лекување и рехабилитација на истите и треба да придонесат за отстранување на околностите под кои било извршено делото.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град