Инфраструктурата на охридското пристаниште е димензионирана да може да издржи удари од ветер и бран. Но сепак бродарите организираат стражи за чување на бродовите и доколку се прецени дека градот ќе го зафати силно невреме, тие испловуваат на побезбедни места најчесто на пристаништето во Св Наум.
На преминот од зима во пролет, старите охриѓани кажуваат дека не ретко од снегот што се топи по планините нашиот град го зафаќа невреме. Тогаш Охридското Езеро се бранува и на крајбрежјето носи бранови високи и по два метри. И деновиве при последното невреме кое го зафати нашиот град, дувал ветер со брзина од 80 км/час и биле забележани бранови во висина до 2 метри, информираа од охридската Капетанија на пристаништа на Македонија. Првиот човек Горан Устијаноски вели дека состојбата со пристаништата континуирано и будно ја следат нивните служби и сметаат дека охридското пристаниште е во задоволителна состојба.
„Меѓутоа и кога е правено пристаништето и воопшто целата инфраструктура она која што е нормално прописно направена е димензионирана да може да ги издржи тие удари и на ветер и на бран. Бродарите мора да организираат стражи за чување на бродовите и колку и да се заштитени и во самото пристаниште, јас повторно велам од стручна гледна точка дека не потполно се заштитени бидејќи имате бродови кои се оставени на ударот на брановите и на ветрот, но стражата и дежурството на бродовите е една нормална појава од страна на посадата и во мирно време и во невреме“ – вели Устијаноски.
Во случај на невреме бродовите се носат во тивка вода, појаснува Устијаноски. Тоа се прави по оценка, која ја прават нивните стручни служби. Устијаноски категоричен дека последнава година не е направена маневра со која се тргнати бродовите на безбедно место, бидејќи не било забележано некое посилно и посериозно невреме во екстремни граници.
„Се оценува силината на невремето и доколку дојде ситуација бродот да биде загрозен, односно да материјалите за врзување на бродовите, фртомите, уредот на бродовите односно битвите и алките на пристаништето бидат доведени до точка до која што можат да попуштатна тогаш од страна на самата посада се испловува и се бега во побезбедни места, односно најчесто до пристаништето во Св. Наум“.
Капетанот информираше дека охридското пристаниште мора во иднина да биде санирано, реконструирано и доградено, но во моментов не може да се размислува за тоа додека не се направи финансиската проценка колку би чинеле таквите зафати.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град