Охридско лето повторно остана без директор

Васко Василески кој неполни три месеци беше директор на најзначајната културна манифестација во земјава, доцна вчеравечер поднесе неоптовиклива оставка.

 |  Мишел Наумоски  | 
Vasko Vasilevski
Васко Василевски

Vasko VasilevskiКаде е крајот на проблемите за фестивалот „Охридско лето“? Од денес се соочуваат со нова ситуација. Освен без музички и драмски селектор, „Охридско лето“ повторно остана и без директор. Неполни три месеци, најзначајната раководна функција на институција од областа на културата ја извршуваше Васко Василески, меѓутоа, тој вчера поднесе неоптовиклива оставка. Министерката Канческа-Милеска веднаш по добивањето на оставката, за вршител на должноста-директор на фестивалот ја назначи Анита Алоска, од редот на вработените. Од Министерството наскоро најавуваат нов конкурс за директор на оваа престижна манифестација.

Многу прашања сами по себе се наметнуваат имајќи ја предвид оваа незавидна ситуација во која повторно се наоѓа „Охридско лето“. Она што е факт е дека институцијата „Охридско лето“ по многу перипетии едвај доби постојан директор, а сега остана и без него.

 

Anita Aloska

Само за потсетување, по разрешувањето на поранешниот директор на фестивалот, Тони Симоноски,   непосредно пред почетокот на изданието на фестивалот во 2010 година, односно на 14ти јуни, Министерството веднаш за вршител на должност го назначи Васил Зороски, вработен во оваа институција и поранешен Директор на фестивалот. Наместо веднаш, министерката дури 4 месеци подоцна објави јавен оглас во кој се бараше нов директор на фестивалот. Незадоволна од кандидатите и нивните предлог-програми, дури шест месеци по разрешувањето на Симоноски, министерката Канческа-Милеска, повторно за вршител на должност го назначи Зороски. Токму за оваа постапка забелешки имаше и Државниот ревизор, од каде велат дека не постои законска можност два пати по ред да биде назначен вршител на должност директор на фестивалот. Меѓутоа и вториот мандат на Зороски како вршител на должност заврши, токму во моментот кога во земјава започнаа предвремените парламентарни избори. Поради таа ситуација, Канческа-Милеска го назначи Илија Мојсоски, за нов в.д директор. За позицијата постојан директор, министерката најави дека ќе се разговара по формирањето на новата Влада.

Ohridsko letoПо завршувањето на релативно успешното 51 издание на фестивалот „Охридско лето“, и два конкурси подоцна, конечно се дојде и до постојано решение за оваа сериозна раководна функција. Имено, од 15тината пријавени кандидати, министерката се одлучи за предлог програмата и квалитетите на охриѓанецот Васко Василески. Но ете не било да биде. За жал, сега, ниту имаме селектори, ниту имаме директор кој би ги назначил истите. Ако денот по утрото се познава, уште едно Охридско лето ќе мора да истуркаме со вршител на должност. Последниот човек со сериозна раководна функција е Зоран Велјаноски-Летра како претседател на управниот одбор на фестивалот. Тој во вчерашниот краток телефонски разговор не информираше дека ќе биде свикан итен состанок на управниот одбор за да се одлучи што понатака. Денес, исто како и Василески и Велјаноски не одговараше на повиците.

Како тргнала работава, се помалку квалитетни кандидати остануваат за избор, секако ако ги исклучиме оние кои министерката два пати со ред ги одбиваше како недоволно квалитетни. Што очекува министерката од новиот конкурс е тешко да се претпостави. Дали директорот на „Охридско лето“ треба да е уметнички и менаџерски маестро или само маестро во слушање на наредби, тоа останува да видиме. Дали сеуште има заинтересирани за оваа условно речено „малерозна“ функција, ќе оставиме времето да покаже. Само да се надеваме дека овој пат, тоа ќе биде пократко и министерката ќе го пронајде вистинскиот човек за оваа позиција, бидејќи нејзиното претходно решение, повторно не донесе пред истиот проблем. Овој пат очите на јавноста со сигурност ќе бидат вперени во министерката Канческа-Милеска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top