Охридските угостители кројат најразлични стратегии како да привлечат гости во овој период од годината кога градов го зафаќа сивило. Најголем дел од нив организираат живи свирки со локални бендови и уметници за да ја збогатат анимацијата. Со нетрпение ги очекуваат новогодишните и божиќните празници кога градов повторно заживува.
Охридските угостители изнаоѓаат најразлични начини како да ги наполнат своите локали во овој период од годината кога бројот на гостите драстично се намалува. Туристите кои дошле да го видат нашиот град во есенскиот период ретко ги посетуваат кафулињата и ноќните клубови, па така, целокупната работа и направениот каков таков промет зависи од мештаните. Тие пак бараат нешто ново во понудата што ќе ги натера да излезат, да се забавуваат и да потрошат некој денар.
Мртвиот период начелно го пополнуваме со живи свирки кои претежно се од наши локални групи и уметници за да се создаде една анимација, бидејќи Охрид во овој период е релативно празен и тие луѓе што се тука се желни за малку забава. Па затоа се обидуваме тоа мртвило да го подосветлиме со некои такви моменти, вели Михаил Мишев, претседател на еснафот на охридските угостители.
Мишев објаснува дека Охрид како град е специфичен поради осцилациите кои се прават во работењето на угостителските објекти додека трае туристичката сезона и после тоа. На лето се бара место повеќе во кафулињата, но затоа пак на зима многу често се случува еден објект да остане и сосема празен. Тој е задоволен од тоа како помина оваа летна сезона потенцирајќи дека во прилог им беа и временските услови кои ја продолжија сезоната, па така до неодамна измамени од убавото време гостите ги посетуваа и летните тераси.
Да посакаме времето да не послужи и да биде умерено. Да немаме некоја екстремно ладна зима бидејќи нашата работа во голема мера зависи и од временските услови. А се надеваме дека и сообраќајниците кон Охрид конечно ќе бидат ставени во употреба бидејќи и тоа е еден голем услов колку Охрид ќе биде посетен посебно во зимскиов период кога патувањето е отежнато, вели Мишев.
Охридските угостители со нетрпение ги очекуваат Новогодишните празници кога градов повторно се полни и се чуствува тој празничен дух. Тие велат дека за празниците нема да прават никакви корекции на цените. Остануваат исти како и досега, а ветуваат услуга на едно високо ниво. Освен за новогодишните празници тие ќе се подготвуваат и за божикните празници иако во тој период доаѓаат помалку гости во градов бидејќи најчесто сите сакаат да останат дома. Во кафетеријата Аквариус традиционално во тој период од годината се организираат и повеќе хуманитарни акции, а собраните средства се наменуваат за реализација на некои проекти кои се од интерес на ранливата категорија на граѓани. Најмногу гости се очекуваат за Богојавление- Водици кога нашиот град е центарот на оваа верска манифестација.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град