Точките на дневен ред на петтата седница на Совет, посветени на разрешување на старите и избор на нови членовите во Управните и надзорните одбори на јавните претпријатија разгореа дискусија со партиски препукувања.
Точките на дневен ред на петтата седница на Совет, посветени на разрешување на старите и избор на нови членовите во Управните и надзорните одбори на јавните претпријатија разгореа дискусија со партиски препукувања. Независниот советник Антонио Наумоски, на самиот почеток на седницата изрази незадоволство од предложените кандидати за членови на Управните и надзорните одбори и побара имињата да бидат објавени за да има увид јавноста по кои критериуми се именуваат и дали имаат искуство во областа.
Евидентно е партиско силување врз јавните општински претпријатија. Нестручноста и партиските пазарења гледаме до каде го доведоа Охрид во изминатиот период и од тие причини барам транспарентност – кажа Наумоски.
Координаторката на советничката група на СДСМ од говорницата изнесе забелешки по однос на предложените кандидати, во поглед на нивната стручност во соодветна област која е сродна со делокругот на јавното препријатие, како и претходно работно искуство.
Немам забелешки во однос на завршеното образование, зборувам за степенот, а не за видот на образование. Овие луѓе кои нема да ги именувам, но ќе го кажам нивниот стручен профил, јас верувам дека се докажани во сопствената стручна област, меѓутоа како може да зборуваме за успешни јавни претпријатија и да кажуваме постојано колку сме загрижени ситуацијата во ЈП , а таму во УО да именуваме стоматолози, фармацевти, дипломирани учители, музичка академија саксафонисти, воени лица. Тоа е профилот на еден дел од лицата коишто ги предлагате – кажа од говорницата Живка Ангелоска, координатор на советничка група на СДСМ.
Ангелоска апелираше уште еднаш да се разгледа листата на лица кои се предлагаат со цел Советот да донесе одлуки со кои ќе се создадат предиспозиции јавните претпријатија да бидат успешни.
„Иако имавме најави за професионализам, сепак продолжува праксата со партиски кадровски решенија“, кажа Ванчо Костоски од ВМРО- НП. Сепак советникот посочи дека дел од предлозите се добри, но се осврна на еден конкретен предлог како несоодветен за функцијата член на надзорен одбор за контрола на материјално – финансиското работење на ЈП Охридски Комуналец.
Таа личност беше на позиција во едно ЈП кое сега не постои, Погребални Услуги и кое на крајот од своето постоење заврши со еден импозантен резултат од 150 000 евра во минус. По пропаѓањето на тоа ЈП, премина во другото ЈП на повисока функција кадешто беше „поскромен“ и заврши со 100 000 евра во минус во неговото работење, односно само во последната година со 50 000 евра – посочи Костоски.
„Управните и надзорните одбори треба да бидат контролен механизам на раководството на ЈП, но во изминатите четири години тоа не беше случај за што тогаш како опозиција посочувавме и апелиравме“, кажа Перчо Божиновски, координатор на советничка група на ВМРО ДПМНЕ. Документите со потребните податоци за предложените кандидати во поглед на исполнување на условите, сега за прв пат се комплетни, посочи Божиновски.
Заврши задкулисното, брзо и преку ноќ, назначување и скриено незаконско работење, нешто што како ново мнозинство треба и ќе го промениме. Да се подигне стручноста и професионалноста при управувањето и надзорот на ЈП. За разлика, од 2017 год кога спротивно на законот за ЈП од страна на Советот се именуваа членови на управни и надзорни одбори кои не ги исполнуваа законските услови – кажа Божиновски.
Секретарот на општината се осврна на забелешките од опозицијата и како тоа е уредено во Законот за јавни претпријатија.
Во однос на работното искуство, јасно во Законот за ЈП стои 3 години работно искуство. Значи не пишува три години работно искуство во струката. Во 2017-та година имавме случај кога Советот надвор од Законот за ЈП донесе одлука за именување на В.Д. членови на управни и надзорни одбори поради заобиколување на законот во делот на познавање странски јазик. Категорија В.Д. член на управен или надзорен одбор во законот не постои, меѓутоа тоа се донесе за во тие 6 месеци да се измени на централно ниво Законот и тој услов да биде тргнат по што истите тие луѓе беа избрани за членови со мандат. Гарантирам сега дека се исполнети сите услови предвидени во законот. Во делот на образованието во законот пишува 240 кредити VII/1 степен, не пишува дека мора да е правен или економски факултет – кажа Александар Китески, секретар на Општина Охрид.
Во поглед на транспарентноста, секретарот посочи дека одлуките за именување ќе бидат објавени во Службен весник каде јавноста ќе има увид во кадровските решенија, а исто така вети дека ќе побара од јавните претпријатија да ги објават составите на Управните и надзорните одбори со биографии на членовите на нивните веб страни. Сите точки кои се однесуваа на разрешување на старите и именување нови членови на управни и надзорни одбори беа изгласани од мнозинството, опозицијата гласаше воздржано за најголем дел од предложените кандидати.
Другите четири точки од дневниот ред кои се однесуваа за определување на надоместок за членовите на Општинската изборна комисија и избирачките одбори и усвојување на елаборати за проценка на штети од временски непогоди, советниците едногласно ги усвоија.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град