После подолг период на застој во решавањето на предметите поради мораториуми, законски измени и одржувањето на локалните избори, денеска со рекорден број одлуки одкочен процесот на вклопување бесправни објекти.
Градските советници и од мнозинството и од опозицијата, на денешната седница на Совет на Општина Охрид едногласно легализираа 100 бесправно изградени објекти.
Станува збор за вклопување на дивоградби во Долно и Горно Лакочереј, Лескоец, Велгошти, Куратица, Вапила, Рамне, Охрид 4, Косел, Завој, Речица, Оровник и Орман. На дневен ред се најдоа вкупно 111 предлог одлуки за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти од кои 11 одлуки беа повлечени. За нив советниците во Комисијата за урбанизам побарале дообјаснување од Секторот за урбанизам. Раководителот Бранко Арнаудов кажа дека во иднина советниците ќе добиваат подетални податоци во однос на утврдувањето на правен статус на нелегални објекти.
Јас ги повлеков точките бидејќи не беше комплетна документацијата што беше доставена до советниците поради што самите советници немаа престстава за што се работи во однос на точките за утврдување правен статус на бесправно изграден објект за измена на намената на просторот во урбанистичките планови. Ги повлеков точките исклучиво да добиете комплетен материјал за да не постои никаков сомнеж дека нешто се прави непрописно. Затоа сакав на наредните седници кога ќе го добиете материјалот точките да се чисти – кажа Бранко Арнаудов – Сектор за урбанизам.
Советниците од опозицијата имаа забелешка за рекордниот број предлог одлуки за легализација дивоградби ставени на дневен ред на една седница.
Побаравме како советничка група на СДСМ со коалицијата во иднина предлог одлуките за легализација да бидат застапени во помал број за да може добро да се разгледаат и да се носи одлука која што ќе биде во рамките на правните прописи и во интерес на граѓаните. Затоа што околу 110 легализации не може да бидат ставени како точки на дневен ред на една седница кога сме под некој мониторинг, во ситуација кога строго треба да се почитуваат и препораките на УНЕСКО – изјави Живка Ангеловска, координатор советничка група СДСМ.
Од позицијата пак велат дека тоа се предмети кои долго време чекале да стигнат на Совет. После подолг период на застој во решавањето на предметите за легализација поради мораториуми, законски измени и одржувањето на локалните избори, денеска тој процес продолжи.
Тоа се предмети кои поради сите причини во минатото не стигнале пред советниците да се гласаат. Како член на Комисијата за урбанизам, тие од општинската администрација ни беа детално претставени, оние точки каде администрацијата немаше комплетна документација и не беше доставена кај останатите советници, тие точки беа повлечени. Можам да кажам дека сите точки кои беа поставени имаа комплетна документација и немаа никаков проблем ниту со усогласувањето со препораките на УНЕСКО ниту со Планот за управување со културното и природно богатство на охридскиот регион. – кажа координаторот на сов. група на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.
Претседателот на Совет, Сашо Донев кажа дека точки за решавање на предметите за легализација ќе има на наредните седници, како што тековно ќе бидат изготвувани така ќе бидат разгледувани и усвојувани во интерес на граѓаните.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град