Туристичката понуда на Охрид и Македонија денес и утре се презентира пред 100тина хотелско – угостителски компании, туристички агенции, тур оператори од Македонија, Црна Гора, Србија и Турција.
Промовирање на пакет аранжмани за рурална и староградска традиција од проектот „Истражи ја скриената традиција на Лихнид и белото езеро“, ова е само дел од туристичката понуда со која Охрид и Македонија се претставуваат на годинешното издание на меѓународниот саем за туризам „Скопје Травел Маркет“. Градоначалникот Никола Бакрачески, како домаќин на саемот вели дека локалната самоуправа континуирано вложува во збогатување на содржините на туристичката понуда на Охрид како нивна долгорочна определба. На отворањето на саемот, пред присутните домашни и странски туроператори, хотелиери и посетители рече дека Охрид не е само дестинација, град или езеро, туку најголема ризница на вредности.
„Токму затоа уште еднаш ве повикувам на заедничка соработка, и пристап кон понудата на Охрид, зошто само така нашиот древен бисер ќе го достигне туристичкиот континуитет кој го заслужува. Оние кои биле во Охрид велат дека таму има нешто што силно ве тера повторно да се навраќате на градот и езерото или како што рекол Иво Андриќ: „Секоја убавина во Охрид кратко трае, но се повторува безброј пати“. Затоа драги пријатели ве повикувам да ни дојдете во Охрид, а ние да ви бидеме ваши добри домаќини.“-вели Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, Кристијан Џамбазовски, рече дека сериозно се приоѓа кон туризмот, а доказ за тоа се и ефектите и бројките кои успеале да ги остварат изминатата година.
„Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот од почетокот на годината се претстави на бројни саеми и успешно ја промовиравме Македонија. Беше направена и медиумска кампања, во скоро сите земји од Балканот, но и пошироко во Европа. Организиравме и специјализирани настани во повеќе далечни држави каде беа претставени можностите за туризам во Република Македонија. Дека имавме успешна туристичка година, говорат и статистичките податоци. За 2014та година, во однос на 2013та бројот на странски туристи бележи зголемување од 7 посто, а според Светската туристичка организација, Македонија претставува една од најбрзо растечките држави во Европа во областа на туризмот.“-рече Џамбазовски.
Џамбазовски потенцира дека за 2015та година очекуваат уште подобри резултати отколку оние во 2014та, а дека тие очекување ги поткрепуваат со агресивната медиумска кампања, субвенциите кои ги даваат на туроператори и воведувањето на нови авиолинии до Македонија. Меѓународната туристичка манифестација, „Скопје травел маркет 2015“ се одржува на површина од преку 3 500 м2, а охридските штандови заземаат централно место. На простор од 60 м2 како што беше најавено , охридскиот штанд е претставен со карактеристична охридска, рурална и градска одаја а застапени се и дел од старите занаети, традиционална охридска кујна како и интересен фото материјал „Охрид низ минатото“. На саемот кој се затвора утре, учествуваат преку стотина хотелско – угостителски компании, туристички агенции, тур оператори од Македонија, Црна Гора, Србија и Турција.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град