Охридските ракометари на гости во ОУ „Христо Узунов“

Охридските ракометари на гости во ОУ „Христо Узунов“. Спортскиот дух го исполни амбиентот во ова училиште, а ракометарите со порака, Спортувајте, натпреварувајте се и другарувајте, компјутерите и телефоните оставете ги дома.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Голманот на РК Охрид 2013, Колев денес не успеа да одбрани ниту еден удар од учениците од ОУ „Христо Узунов“. Локалните херои, охридските ракометари денес беа во посета на ова училиште. Директорот Тони Симоноски вели дека многу имиња од репрезентативци се потпишале на влезот од нивната спортска сала и нагласи дека нивна интенција во иднина ќе биде спортистите да бидат нивни почести гости дури да одржат тренинг на некој од часовите по физичка култура.

„Ова за нас претставува сериозна работа од повеќе аспекти, пред се од воспитно образовен карактер, бидејќи многу значи врвни спортисти како нив да ги посетат воспитно образовните институции. Се надевам дека во иднина голем број од децата ќе тргнат по нивните стапки и да тренираат, не мора тоа да биде ракомет, може било кој спорт бидејќи сепак спортот е дух на едно тело“ – вели Симоноски.

Ракометарот Иван Тасески се потсети на школските денови од неговото основно образование, како ученик во „Христо Узунов“. Тој претходно тренирајќи атлетика, бокс, кајак, од пред три години се одлучил да тренира ракомет и веќе ги очекува првите бенефити, а во иднина себе си се гледа како дел од репрезентативниот македонски тим.

„Јас учев овде… тогаш директорот предаваше географија. Добро е да се дружиш со децата да им покажеш некое знаење и да пренесеме дека најдобро е сите да спортуваат, а не дома да седат со компјутери и телефони и што повеќе да се дружат. Добро напредувам и се надевам да играм за поголеми клубови“

Денешната посета на охридските ракометари кај основците од Христо Узунов беше на иницијатива на општина Охрид. Децата срдечно ги пречекаа ракометарите се фотографираа со нив а на крај и забија по некој погодок во гостинската мрежа.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top