Охридските пензионери и понатаму освојуваат медаљи

Охридските пензионери и понатаму освојуваат медаљи. На 21виот републички спортски натпревар на пензионери во Македонија освоија три први места.  Учеството на натпреварите го прават со голема љубов и ентузијазам затоа успехот е загарантиран.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридските пензионери најдобри тркачи. Тие на 21виот републички спортски натпревар на пензионери во Македонија одржан на 3ти септември во Радовиш освоија две први места во трчање и едно во екипна конкуренција, женската екипа во стрелаштво, а охриѓанката Снежана Милошеска по втор пат досега е прогласена за најдобар стрелец. Сите овие резултати се постигнати со голем труд и ентузијазам на луѓето од третата доба. Благица Маркулеска која освои прво место во трчање вели дека тоа што е пензионер не ја спречило да се занимава со оваа дисциплина која ја сака уште од дете.

Јас уште од дете го сакам трчањето. Кога бев мала и кога одев на училиште секогаш наместо да одам со другарчињата  јас патот го минував потрчнувајќи. Подоцна како повозрасна кога работев учествував на работничките игри каде освојував медалји. Сега еве и во Здружението на пензионери сум активна и сум многу благодарна што можам да учествувам на вакви спортски натпревари, вели Маркулеска.

На натпреварите во Радовиш охридските пензионери настапија во 16 спортски дисциплини, а учествуваа 50 натпреварувачи. Претседателот на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Ѓорѓи Трпчевски вели дека интересот кај членовите е голем и на ваквите натпревари учествуваат со многу љубов и ентузијазам.

На овие натпревари пензионерите учествуваат чисто од љубов кон спортот и заедничкото дружење. Нема никакви награди или некои други бенефиции. Сатисфакција им е што можат квалитетно да си го исполнат своето слободно време и да го афирмираат здружението и градот, вели Трпчевски.

На Републичките спортски натпревари учествуваа 1.200 пензионери од кои 500 спортисти од 20 здруженија во републикава кои се натпреваруваа во единаесет дисциплини.

Овој успех досега никој не го направил. По втор пат трајниот пехар ни припадна нам и во овие досегашни републички натпревари ние сме единствени што тоа го постигнавме, вели Стефан Владимиров-секретар на здружението.

Охридските пензионери имаа свои забележителни настапи и во фрлање со ѓуле, стрелаштво, тргање јаже и др. Нив, покрај тренер, ги придружуваше и лекар кој се грижи за нивната здравствена состојба.

Ваквите натпреварувања се од пензионери кои се во години, тие напорно тренираат скоро месец дена и за среќа досега не се случиле некои повреди, но ние сме секогаш будни ако треба да помогнеме, вели Димитар Спасески- претседател на собрание и лекар во пензија.

Републичките игри се одржаа по повод 70 годишниот јубилеј на Сојузот на пензионери на РМ и 25 годишнината од самостојноста на РМ. На игрите, делегацијата од Охрид ја придружуваше и заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top