Охридските пчелари се едуцираа


Медот да се купува само од познати пчелари, препорачуваат експертите по пчеларство. Синоќа охридските пчелари имаа можност да се едуцираат за ридско планинското пчеларење и брзиот развој на пчелните семејства, во присуство на истакнатиот проф по пчеларство Ѓоко Зечевиќ кој доаѓа од соседна Србија.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Охридските пчелари секогаш се желни да научат нешто ново. Вчера на тема „Ридско планинското пчеларење“, се одржа трибина на која присутните имаа можност да ги слушнат искуствата на истакнатиот професор по пчеларство Ѓоко Зечевиќ од Србија. Како што појасна претседателот на Здружението на пчелари од Охрид, Тони Јосифовски на вчерашната трибина главен акцент бил ставен на брзиот развој на пчелните семејства да одговорат на главната паша, со цел да се добие поголем принос. Но, Јосифовски напомена дека присутни се и бројни проблеми кои час поскоро треба да се решат.

„Најболната точка во моментов се фалсификаторите на медот, населението треба да се едуцира и мора да го препознаваат природниот мед. треба да купуваат само од познати пчелари“.

Јосифовски нагласи дека во моментов голем е бројот на фалсификатори на мед. Наjмногу ги има на патот кон Кичево, Скопје, па и на пазарите. Додава дека со таквата појава медот како производ е омаловажен. Тие во неколку наврати побарале од надлежните во ресорното министерство да се справат со оваа појава, но засега без резултат.
Охрид е дел од предавачката турнеја  на проф Ѓоко Зечевиќ. Тој од неговите колеги слушнал дека Охрид има прекрасни планини преполни со паша за пчелите нешто слично на местото од каде што доаѓа тој, па затоа одлучил да го посети нашиот град.

„Треба секогаш да се едуцираме, да стекнуваме нови знаења, секогаш да ја изнаоѓаме најдобрата можна техника за работа со пчелните семејства за да постигнеме добри резултати. Она што сметам дека е точно, е, дека техниката на работата, и ние во Србија и вие во Македонија ја стекнувате со знаење, кое може да се обезбеди и со пракса на пчаларите, учење од книга, литература, слушање предавања и со крадење, така ние пчеларите го нарекуваме тоа кога одиме кај нашите колеги да гледаме како тие работат и да го примениме на нашите пчели“.

Проф. Зечевиќ нагласи дека нема повеќе пчеларење, без едукација. Според него пчеларењето мора да се планира, а секој пчелар пожелно е за себе да направи оперативен план за работа. Додава дека само пчеларите кои планираат што ќе работат во наредниот период постигнуваат успех.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top