Охридските кандидати за советници очекуваат фер и демократски локални избори

Во изборната трка влегоа 11 советнички листи кои од понеделник ќе ја претставуваат својата програма пред граѓаните. Сите ветуваат коректно и етичко однесување кон политичките противници.

 |   | 
ДИК

Единаесет советнички листи претендираат на места во новиот состав на градскиот Совет на Општина Охрид. Три од листите се независни, а останатите се поднесени од политички партии и коалиции. ТВМ им упати прашање на носителите на советничките листи каква политичка кампања очекуваат да се води во изборниот процес. Од оние што успеавме да ги исконтактираме добивме идентичен одговор.

Димитар Вељаноски НЛ „Охрид пред се“

Од нас ќе се води позитивна кампања, народот го заслужува тоа, доволно се нагледавме црнила. Ако некој има простор за негативна кампања тоа се независните листи од револт против тоа како досега се управувал Советот и како политичките партии пристапуваа на самиот изборен процес.

Сашо Донев СЛ Вмро Дпмне и коалиција

Очекуваме пред се позитивна кампања. Перманентно во изминатиов четиригодишен период ја опоменувавме актуелната власт се што правеше, но не наидовме на одговор од нивна страна. Сега имаме локални избори во кои ќе ја презентираме програмата и ќе ветиме нова иднина на градот, младите и луѓето кои живеат во општина Охрид.

Наумче Јованоски СЛ СДСМ и коалиција

На следните локални избори ќе ги претставиме најдобрите програми и кадровски понуди и ќе настапиме со промотивна кампања и со фер однос кон сите наши опоненти. Ние покажавме како партија дека знаеме да организираме слободни и демократски избори и очекуваме фер кампања.

Стевчо Стевоски Независна Листа

Се надевам кампањата ќе е фер и демократска. Нема да има изборни нерегуларности и се ќе помине во најдобар ред. Мислам дека Македонија го заслужува тоа. 

Виолета Аврамоска, од СЛ „Левица“

Нашата партија Левица на претходните парламентарни избори се покажа и докажа со позитивна кампања, а таква ќе  биде и оваа кампања.

Владо Суклоски НЛ „Единствена Македонија “

Граѓаните се тие кои даваат мандат како за градончалници така и за советници. Во таа насока ќе водимe позитивна кампања, со респект кон противниците. Ние сме граѓани на овој град и нема потреба од лични навреди. Ние тоа нема да го сториме.

Александар Станкоски СЛ ДОМ и ЛДП

Очекуваме фер и коректна и изборна програма во која ќе нема навреди и критики без соодветни докази. Ние како коалиција на ДОМ и ЛДП ќе се придржуваме на демократска толеранција и почитување на законските акти кои се на сила во државата, почитување на противниците и граѓаните.

Кандидатите за советници ќе ја презентираат нивната програма на директни средби со граѓаните со почитување на мерките за заштита од Ковид 19, но и преку медиумите и социјалните мрежи. Носителите на советничките листи во недела ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори, а изборната кампања почнува од понеделник 27 септември и ќе трае до 15 октомври на полноќ. Граѓаните ќе гласаат на 17 октомври.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top