Охридските дуќанџии бараат да работат во недела

Охридските дуќанџии бараат да работат во недела. Не е проблем плаќањето повисока дневница, велат тие, само државата да ни дозволи да работиме исто како големите молови. Охридската чаршија не може да се стави во ист кош со останатите градови во државата. Затворањето на дуќаните во чаршијата за време на викенди кога градот е полн со туристи ќе ја доведе во прашање егзистенцијата на 150 тина дуканџии и нивните вработени, велат од Чаршискиот еснаф.

 |   | 

Дуќанџиите од Охрид бараат да работат во недела. Охрид како главен туристички центар во земјава мора да биде изземен од законот, бидејќи најголемиот дел од работата на трговците во чаршијата е токму за време на викенди, кога во градот има гости. Воведувањето недела неработен ден за нив е бесмислено законско решение, кое ќе предизвика огромни финансиски штети врз локалната економија и туризмот, кои ионака се тешко погодени од корона кризата.

Охрид има една специфика ние не работиме низ цела година, туку работа имаме во викенди, продолжени викенди и низ туристичката сезона. Еве сега на втори јануари Охрид ќе биде преполн со туристи и ќе се соочи со еден голем проблем. Целата чаршија треба да биде затворена. Од сабајле ќе немаат ни паста за заби каде да си купат. Ќе пуштиме допис до сите релевантни институции и сакаме општина Охрид да застане позади нас, вели Маја Бакалова претседател на „Чаршиски еснаф” Охрид.

Со ова законско решение се доведува во прашање егзистенцијата на 150-тината дуќанџии и нивните вработени.

Ако нас не ни е дозволено да работиме во недела прво нешто што треба да направиме за да опстаниме минимум на пола би ги намалиле вработените. Кој ќе оди како технолошки вишок, кој како социјален случај и тоа на терет на државата. Вработените кај нас се со години ако не му плаќаме за тоа затоа што работат во недела не ќе беа кај нас ако не се доволно платени. Ќе пробаме овој викенд со помош на градоначалникот, а потоа да се реши проблемот на државно ниво – вели Соња Јосифоска трговец.

Законското решение недела неработен ден стапува на сила на 1-ви јануари, а на 2-ри јануари дуќанџиите најавија дека нема да ги затворат дуќаните, за тоа ќе ги известат сите надлежни органи и инспекции. Понатаму ќе бараат од Владата, Охрид да биде изземен од овој закон.

Новинар : Соња Рилковска

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top