Охридскиот регион претрпе големи штети од обилните врнежи

Охридскиот регион претрпе големи штети од обилните врнежи кои го зафатија изминативе денови. Најмногу настрада селото Орман. Веќе пристигнуваат пријави до општинската комисија за проценка на штети. Од таму велат дека по секоја од нив ќе постапат и ќе излезат на терен ад видат каква е состојбата.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Десеттина граѓани денес ги пријавиле штетите од вчерашните поплави. Уште вчера во утринските часови од повеќе населени места во градов и околината имало голем број јавувања од граѓани кои претрпеле штети од обилните врнежи кои го зафатија регионов во изминатите денови. Се јавиле од Опеница, Косел, Долно, Горно Лакочереј, Орман улица Железничка, Дејан Војвода. Од првичните проценки оштетувања ќе има на 445 00 метри квадратни или околу 40 до 50 хектари. Најкритично е во село Орман каде се поплавени стамбени објекти и многу земјоделски површини со раноградинарски култури.

Ако беа исчистени каналите немаше да дојде до поплави на одредени земјоделски култури или домови. Локалната самоуправа односно кризниот штаб вчера веднаш излезе на терен испрати механизација и почнаа да се чистат каналите и речните корита. Но тоа треба да се прави во време на летниот и пролетниот период за да немаме вакви штети, вели Раде Вељаноски, претседателот на Комисијата за проценка на штети.

Од Локалната велат дека било извршено чистење на каналите и речните корита во есенскиот период, но обилните врнежи донеле со себе и нанос па повторно биле затрупани. Во вчерашната акција на чистење биле ангажирани јавните претпријатиа Нискоградба, Комуналец и Проаква. Состојбата со водотеците во охридскиот регион веќе се нормализира. Според последните мерења од УХМР, езерската вода е на котата од 693,35 метри надморска височина, односно 18 сантиметри над нултата кота (693,17). Со оглед на тоа што просекот за овој месец е 693,41 метри надморска височина, значи водостојот е во рамки на очекуваното.

Од Комисијата за проценка на штети велат дека доколку граѓаните забележат штети од поплавите да пријават до архивата на локалната. Треба да пополнат бланко барања со имотен лист, лична карта и трансакциона сметка. Рок за пријавување е триесет дена од денот на настанувањето на штетата, а комисијата излегува на лице место и врши проценка на штетата.

Ние како општинаска комисија имаме рок од два месеци да извршиме проценка и после тоа се изготвува елаборат кој оди на совет па се гласа и се праќа до републичката комисија, објаснува Велјаноски.

По новиот закон Владата има рок од една година за да изврши исплата на штетата. Инаку штетите од земјотресот кој го зафати летово градов и од мразот кој им ги уништи посевите и раноградинарските култури на дел од охриѓани сеуште не се исплатени.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top