Светско првенство во сајбер игри, 2010 во Лос Анџелес-Сад, Светско првенство во сајбер игри, 2011 година во Јужна Кореја. Овие два настани ги поврзува кантер страјк составот Ентити од Охрид. Оваа екипа избори учество на Светското сајбер првенство како неприкосновен шампион во кантер страјк, но вечен проблем на македонскиот спорт се секако финансиите. Ентити ќе оди на Светското првенство, но прашањето е како?
Јован Каланоски-капитен, Јован Деребаноски, Александар Киселинов, Влатко Сековски и Анел Цековиќ-ова е составот на кантер страјк дружината Ентити. Оваа екипа ќе биде единствениот преставник на Македонија на Светските сајбер игри во Јужна Кореја оваа година. Квалификациите за Светските сајбер игри за прв пат се одржаа во арената Борис Трајковски проследени од многу новинари, публика, телевизии. Ентити лесно ги мина квалификациите и остана неприкосновен шампион во конкуренција од 60 екипи. За да го постигнат овој успех, Ентити тренирале повеќе од година дена.
„Три пати, четири пати неделно тренираме најмалку, даваме се од себе, се трудиме, секако многу го кренавме левелот на македонскиот гејминг во светот, светската јавност веќе се запозна со македонија во е-спортот и веќе не знаат кои сме и како сме, и тоа ние најдобро го гледаме пошто во последно време добиваме покани за учества на интернационални евенти во Шпанија, Полска, а сега во Кореја се надеваме дека ќе докажеме дека сме топ светска сила во овој спорт.“-рече капитенот на Ентити, Јован Каланоски
Талент има, знаење има, но финансиите се постојан проблем. Светските сајбер игри се единствениот настан за кој Македонската е-спорт федерација обезбедува средства кои се само спонзорства од големи корпорации, а не се државни пари. Но Каланоски вели не е само тој натпревар, после успехот од ланското светско првенство тие постојано добивале покани за учества во Шпанија, во Данска, во Полска, но ваквите покани ќе мора да ги одбијат бидејќи мора да плаќаат од сопствениот џеб.
„Би требало некој да ги отвори очите, да не искористи додека сеуште сме да кажеме на едно такво ниво кога сеуште можеме да ја претставуваме Македонија во компјутерските игри на таков начин, дури не е касно да кажам, дури не згаснало тоа жарче што во Македонија сега во моментов тлее, значи луѓето се интересираат, децата се повеќе сакаат да играат пошто гледаат до кај стигнавме ние од Македонија која што беше можеби последна во таа гранка стигнавме до едно 15-20 место во светот“- додаде Каланоски
„Многу деца, многу возрасни знаат кои се Ентити, но тие што треба да не знаат, изгледа не знаат каква екипа имаме ние во Македонија. Значи треба локалните, националните власти или кои се таму одговорни, да ни пружат една мала помош па да можеме ние да одиме таму и да можеме да се бориме на едно светско, на едно европско тло, да докажеме дека во Македонија има гејмери, има надеж за оваа земја да просперира во овој спорт.“-вели Каланоски
Сајбер игрите на светско ниво веќе имаат прераснато во високопрофитабилен и атрактивен спорт, но за жал, во Македонија, натпреварувачите мора од џеб да плаќаат за да се појават на некој натпревар од европско и светско ниво. Добиваат многу ветувања, а на крај повторно сами се спонзорираат. Дури и светските шампиони во кантер страјк, Данците паднаа како покосени пред нашите Ентити. Сепак ова како да не беше доволен успех за некој да им подаде рака, па ако ништо друго барем да им направи едни дресови како што носат другите светски репрезентации.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град