Во водите на Охридското Езеро се одржа единаесеттата по ред меѓународна регата во кајак на мирни води, Охрид 2012.
52,50 поени им беа потребни на струшките кајакари од кајак кану клубот „Црн Дрим“ за да го освојат првото место во вкупниот пласман на единаесетата меѓународна регата Охрид 2012. Само половина поен зад стружани се пласираа кајакарите на кајак кану клубот „Стрмец“ од Охрид, а третата позиција во вкупниот пласман ја освоија уште едни охриѓани, и тоа кајакарите од кајак кану клубот „Ехо“ со 35,50 бода.
Ова единаесетто издание на регатата во кајак на мирни води, својот меѓународен карактер го одржа со натпреварувачите од Зрењанин-Србија и кајакарите од Софија, Република Бугарија. Со исклучок на категоријата К4 Кадетки каде во вкупен пласман екипно првото место го освоија кајакарките од Зрењанин, во останатите категории, доминантни беа Охрид и Струга. Во К4 категорија први беа „Црн Дрим“, додека останатите две места им припаднаа на „Стрмец“ и „Ехо“ од Охрид. Во К4 јуниори повторно на прво место беа стружани, а зад нив се пласираа Стрмец од Охрид и кајак кану клубот „Радика“ од Дебар. Охридско-струшка доминација имаше и во поединечниот пласман, но и во настапите по двојки.
Кајакарите од клубот „Стрмец“ се закитија со две први, три втори и две трети места. Кајакарите од клубот „Ехо“ освоија две први, две втори и четири трети места, додека струшките кајакари од „Црн Дрим“ освоија две први, и две втори места.
Инаку, ова единаесетто издание на меѓународната регата во кајак на мирни води е во организација на кајак кану клубот „Стрмец“ од Охрид, а по повод јубилејните 65 години од формирањето на овој клуб, но и по повод Денот на независноста на Македонија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град