Охридскиот чамец ќе стане бренд на Охрид. Ова е идеја на Охридската капетанија поради неговите специфики по кои е препознатлив и поради што тешко кој друг освен охридските мајстори може да го изработи. Старите мајстори велат дека иницијативата е супер но додаваат дека за кајчето да се заштити треба да се зголеми побарувачката на купувачите.
Ќе се брендира охридскиот чамец. Ова е идеја на Охридската капетанија која се планира да се реализира наесен откога ќе заврши туристичката сезона. Капетанот Горан Устијаноски вели дека охридскиот чамец или како што охриѓани го викаат кајче има свои специфики по кои е препознатлив и поради што тешко кој друг освен охридските мајстори може да го изработи.
–Охридскиот чамец не е автохтон. Тој е донесен од Холандија, но во Охрид се развиле такви мајстори кои во неговата изработка оделе до такви детали поради што чамецот заслужува да остане онаков каков што е засекогаш, вели капетанот Горан Устијаноски.
Устијаноски објаснува дека кај охридскиот чамец точно се знае колкаво треба да биде растојанието од нитна до нитна. Тука нема импровизации. Тој додава дека многу мајстори се обиделе да го копираат, но не успеале. Најтешко им одело нитнувањето, па затоа го заварувале металот.
–Токму затоа сакам да го заштитиме охридскиот чамец, но и мајсторите кои сеуште го изработуваат, да се направи една детална документација како тој треба да изгледа за да не се испуштат ни најситните детали при неговата изработка,вели капетанот.
Во Охрид има тројца или четворица мајстори кои изработуваат охридски чамец. Еден од нив е и Скендер Демироски кој веќе триесеттина години се занимава со кроење и спојување на металните делови, од кои по сопствен план го прави охридското кајче. Тој од нас слушна за иницијативата на охридската капетанија да се брендира ова по многу нешта единствено превозно средство.
–Иницијативата е супер меѓутоа кајчето за да се заштити треба да се зголеми побарувачката на купувачите за ние да го работиме. Луѓево во последно време се помалку нарачуват, а тие што имаат пари купуваат глисери и јахти, вели Демироски.
Порано имавме голема побарувачка, не можевме да постигниме, се присетува Демироски. Годишно изработував и по 12 кајчиња. Ги правев за еден месец, а ако на некој од муштериите му се брзаше работев и ден и ноќ и кајчето ќе беше готово за десет дена, со носталгија раскажува овој мајстор.
–Тогаш се беше весело. Луѓето молеа за да им направам кајче. Најчесто ги бараа за спортски риболов или за одење на пикник со Холандски и Германски гости, вели Демироски.
Инаку, охридското кајче е долго од 4.80 до 5 метри. Демироски изработува два вида. Едното е побрзо, но понестабилно, а другото е поспоро, а постабилно. Тој вели дека побарувачката зависи од намената на кајчето. Цената се движи од 900 до 1000 евра со негов материјал и со цела додатна опрема.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град