Безбедна сезона најавуваат од Охридската капетанија. Тие ги презедоа сите мерки за да се направи ред во водениот сообраќај. Туристите се повеќе сакаат да се возат со пловните објекти кои ги има на охридското пристаниште, а не е ретка појавата токму на некој таков да се случат и романтични запросувања.
Охридската капетанија подготвена за новата летна сезона. Во тек е набавката на полесен пловен објект од типот гумењак со пластично дно со мотор од 60тина коњски сили кој ќе служи за инспекциските служби. Планирано е да има еден инспектор и еден помошник кои ќе го контролираат езерото, но и останатите водени површини во државава.
Со ова ќе ја подобриме покриеноста на езерото и ќе го зголемиме нашето присуство овде, но и на останатите природни и вештачки езера во државава. За наредната година планирано е да се набави уште еден пловен објект од овој тип и тогаш ќе сме комплетно опремени, вели Горан Устијаноски- капетан на Охридска капетанија.
Устијаноски кажува дека пловните објекти кои се регистрирани се во добра техничка состојба. Посебно се вршени контроли на бродовите кои превезуваат поголем број патници. Сопствениците на пловни објекти очекуваат убава туристичка сезона, а туристите веќе ги бараат нивните услуги.
Најчести прошетки ни се према Канео, Лабино, некогашната вила на Тито, а имаме и посебни барања за Трпејца и Св. Наум. Сепак најпосетувано место е Заливот на коските, вели Номче Матоски-сопственик на пловен објект.
Од пред неколку лета во Охридското Езеро пловат и неколку катамарани кои се доста атрактивни за гостите. Неретко токму на нив се случуваат и романтични запросувања. Минатата година имало дури 17.
Несекојдневно е што лани имавме и регистрација на катамаранот. Споивме два и кај црквата Св. Јован Канео каде двајца млади се заколнаа на вечна љубов, вели Димитар Матоски, сопственик на овој пловен објект.
Од година во година водениот сообраќај во езерото станува се поатрактивен и поинтересен за гостите па затоа капетанијата ги презема сите мерки за безбедно одвивање на истиот. Ова лето ќе сообраќаат редовните линии, а започнува да функционира и линијата Охрид- Поградец.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град