Охридската цреша стана новиот македонски бренд. Од министерството за земјоделство одлучија да ја заштитат оваа автохтона сорта на цреша.
Охридската цреша е новиот македонски бренд. Процедурата за заштита на географското потекло на уникатната цреша е во тек. Таа наскоро ќе застане рамо до рамо со повеќе македонски производи кои веќе се заштитени според потеклото, географската ознака или како гарантиран традиционален специјалитет.
„Веќе се завршени сите формалности, доставен е елаборат за заштита на земјоделски производ кој е потврден од сите релевантни институции и сега само формално треба да се добие заверка од Министерството за земјоделство“, вели Ванчо Стојаноски-земјоделец
Според законската регулатива, во земјава дефинирани се три ознаки за квалитет на македонските производи и тоа заштитена ознака за потекло, заштитена географска ознака и гарантиран традиционален квалитет. Заштитените ознаки не претставуваат само гаранција за квалитетот, туку и за автентичноста на производот. Тоа пак значи дека купувачите можат да бидат сигурни дека нема да добијат производ со фалсификувано име.
„Ако некој производ е брендиран тогаш ќе биде со многу поповолна цена на пазарот и ние ќе имаме производ со заштитно име од нашиот реон“ – изјави Стојаноски.
За сериозен пласман на охридската цреша долгошишка охридските земјоделци формираат и земјоделска задруга како правен субјект која е прва од ваков вид во земјава.
„Со здружувањето, веќе добар дел од условите за извоз во Европската Унија ги исполнувате, бидејќи сте веќе правен фактор. Производството може да се контролира, тука во секој случај во пресрет излегува и владата со тоа што на релативно мали задруги овозможува плаќање на лице кое ќе ја води задругата, исто и лице агроном што е предуслов за извоз во ЕУ бидејќи морате да имате соодветно лице за третманите за да исполнувате одредени регулативи. Не би бил никаков проблем, сите тие проблеми ќе се решаваат со самото здружување постапно.“-вели земјоделецот Ванчо Стојаноски.
Цената за откуп на еден килограм цреши достигна до 120 ден.,но ако земјоделците настапат здружено можеме да издејствуваме цена и до 180 ден, вели Стојаноски. Тој појаснува дека моменталното производство на цреша не може да одговори на побарувачката, а интерес постои од Русија каде веќе се извезува охридска цреша.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град