Гимназиската генерација 52`-извор на интелект, расадник на таленти и успешни луѓе.
„Само оној кој работи на долгата патека, полека и трпеливо може да постигне успех.“ Нема поголем доказ за оваа убава мисла од генерацијата гимназијалци од 52та. 60 години матура за дел од охриѓани кои дадоа исклучителен придонес за Охрид на сите полиња на општественото живеење. За нив ни говори човекот кој и самиот е дел од неа, човекот кој врз себе го понел товарот да биде хроничар на културолошкото издигнување на Охрид, Томислав Стефоски.
„Мојата генерација беше природно надарена, генерација која зрачеше во секој поглед. Беа луѓе кои носеа со себе една добрина, една човештина. Таа добрина и човештина се искажани не само преку школувањето туку и по завршувањето на нашите студии, ние бевме распределени на разни работни места.“-вели тој. Стефоски долги години бил дел од Собранието на Република Македонија, за потоа да биде и секретар на Градското собрание и секретар на извршниот совет каде по 10 години служба и се пензионира.
„Бидејќи работев во Парламентот, имав можност да работам со врвни луѓе од поразвиените во тоа време Белград, Загреб, Љубљана, преку разни средби, симпозиуми. Тоа придонесуваше човек постојано да се надоградува за да може да биде поуспешен во работата.“-вели Томислав Стефоски, матурант генерација 1952 година.
Стефоски во текот на целата кариера се среќава со значајни личности, и присуствува на важни настани. Не сакајќи да дозволи тие да бидат заборавени, ги запишувал во дневник, а пред неколку години и објавил најпрво во книгата „Записи и сведоштва“, а неодамна и во најновата „Време на предизвици“.-Главна тема во неа-чаршијата, културниот живот и развој на Охрид.
„Чаршијата е богатство на комуникација, богатство на среќавање на луѓе. Секој го носи својот товар на животот, некој е насмеан, некој сериозен, зависи од моментот во кој се наоѓа и што размислува тогаш. Чаршијата и кафаната во која се среќававме е една посебна институција каде се одвива еден посебен богат живот“.-додава тој.
„Се разговараше за најразлични теми, за спортот, културата, сексот, политиката, неа најмногу ја коментиравме, за проблемите, за тешкотиите. Некогаш и се лутевме бидејќи секој кажуваше различни мислења.-вели Стефоски. Со својот времеплов, Стефоски не врати и во времето на игранките во Палас, кафето во „Летница“, среќавањата „под муренката“. И додека се враќаме во оваа 2012 година, јасно и недвосмислено разбираме дека оваа генерација гимназијалци 52ра-навистина е посебна и живеела живот за кој сегашните генерации можат само да сонуваат.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град