Велигден со снег. Ова не е априлска шега туку временската состојба во градов. Утрово Охрид осамна под снежна покривка. Тоа ги загрижи граѓаните, овоштарите и градинарите и ги отежна условите по патиштата.
Снег на средината од април. Е овој снег навистина не изненади. Граѓаните кои забрзано се подготвуваат за најголемиот христијански празник-Велигден за кој вообичаено имаме убаво сончево време, изненадено велат дека според времето надвор како да доаѓа Божик. Снегот што од синоќа паѓа во поголемиот дел од западна Македонија формира покривка која на повискоите места достигна и до 40 сантимети. Во Охрид снегот не се задржува, меѓутоа снежна покривка и до 15 сантиметри е забележана во околните села и на повисоките места. Охриѓани загрижени за сопственото здравје поради големите температурни разлики кои ги имаме. Тие велат вчера шетавме по кратки ракави а денес со дебели јакни. Но докторите смируваат велејќи дека нема место за паника.
–Овој снег не го сметам како закана по здравјето на граѓаните и хронично болните. Од медицински аспект овај снег е добредојден бидејќи тоа е еден природен филтер на сите честички кои лебдат во атмосферата и снегот ќе ги спушти на земја, вели интернистот Д-р Сашо Василевски.
Додека докторите велат дека ваквата временска состојба нема негативни последици врз здравјето на граѓаните оние кои се занимаваат со овоштарство и градинарство ги обзеде загриженост. Тие тврдат дека и тоа како временските неприлики ќе се одразат врз родот. Од овошките кои виреат во охридскиот регион најмногу ќе настрадаат кајсиите, праските, јаболката и црешите. Ванчо Стојаноски кој многу години се занимава со овоштарство и градинарство објаснува дека проблемот е поголем бидејќи оваа година имавме многу блага зима па поради тоа овошките не се навикнати на вакви температурни разлики. Утринските температури се спуштија под нула и тоа го уништи цветот на овошките кои веќе беа расцветани, додава тој.
–Веднаш откога ќе настане оваа промена на времето после неколку денови посебно кај црешите мора да се истретираат против мунимија бидејќи секоја култура е доста подложна на стресови и болести поради промените на температурата, вели Стојаноски.
Земјоделците се загрижени за раноградинарските посеви, кои веќе беа пред берба, а исто така во прашање се и расадите, кои требаше веќе да се берат, за да бидат спремни за пресадување во доцната пролет, но сега е во прашање колку овој снег ќе ги остави здрави, од што зависи овогодинешното производство. Стојаноски вели дека требало навреме да се заштитат со агрофилц како би ги пребродиле овие стресни температурни осцилации. Тој се потсетува дека последен пат вакви временски неприлики имало кон крајот на април 2002год.
Инаку, снегот го отежнува и патниот сообраќај особено на планинските превои. Забрана за тешки товарни возила е воведена од изутрината на Ѓавато, на патниот правец Гостивар-Маврово-Дебар, Гостивар-планински превој Стража-Кичево и Струга-граничен премин Ќафасан. Останува да се надеваме дека ваквото време нема да потрае за да не влијае врз бројот на гости во Охрид за престојните Велегденски празници.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град