Охрид се збогува со својот Градоначалник Јован Стојаноски

Охрид жали за својот градски татко. Знамињата денеска спуштени на половина копје во знак на почит кон починатиот Градоначалник Јован Стојаноски. На комеморацијата, во општинската зграда, низ емотивни обраќања, од Градоначалникот се простија неговиот син, брат, пријатели и соработници, и премиерот на Р Македонија.

 |  Лионела Јаковлева  | 

Големата сала на Општина Охрид беше претесна да ги прими сите кои се собраа да му оддадат последна почит на прерано починатитот градоначалник Јован Стојаноски.
Пред потесното семејството на  градоначалникот,  министри на владиниот кабинет, претставници на дипломатскиот кор и бројни пријатели и граѓани на Охрид прв од Јован се прости  премиерот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

„Јован беше колега, пријател и голем професионалец. Како градоначалник беше посветен на својата визија Охрид да биде вистинска европска, културна и туристичка престолнина. Беше препознаван како човек, пријател и сограѓанин со топла и непосредна природа. Беше отворен за разговор за секој личен проблем, секоја иницијатива и предлог ја почитуваше и разбираше,“– рече во своето обраќање премиерот.

Од името на Собранието на Р. Македонија од градоначалникот се прости координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев. Тој со нескриени емоции сподели неколку од многубројните заеднички моменти поминати со неговиот другар и сопартиец Јован.

„Се договаравме за советничка листа и рековме што ќе прајме Јоване. Ми рече ајде да го менуваме светов. Но те прашав како. Тешко е. Рече прво ние самите ќе се смениме, па ќе ги смениме тие околу нас,  па ќе го смениме Охрид и Македонија и ќе го смениме светот. Вечерта кога победи на градоначалничките избори, во таа еуфорија тргнавме кон плоштад и рече Тунте што напрајвме.  Јован, викам го напрајве тоа што требаше да го напрајме. Од вечерва го менуваме светот,“ се потсети Тунтев на моментите поминати со неговиот другар и сопартиец Јован.

Од името на Советот на Општина Охрид се обрати претседателката Живка Ангелоска, која покрај за професионалната соработка со Јован Стојаноски, зборуваше и за нивната приватна поврзаност и за неговата големина како човек и пријател.

„Се сеќавам на еден момент од мојот живот кога чуствував голема болка поради направена неправда и како и секогаш и тогаш тој беше тука.  Ми кажа да викнам силно за да излезе болката. Колку силно сега треба да викам за да се стопи оваа тага. Ми покажа како истовремено  може да се биде чувар на традиционалните вредности на општествената заедница, но истовремено и трагач на модерното, на новото, на просперитетното на сето она што ќе го направи подобар животот во нашиот град“, со солзи во очите зборуваше Ангелоска.
 
Во името на општинската администрација, Секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски  се прости со својот најблизок соработник кажувајќи дека и во последните моменти градоначалникот бил на своето работно место каде се правеле планови за буџетот за нареднава година.

„Колку само беше полн со живот, со визија за Охрид. Во 2019та година сакам да ги видам училиштата реновирани, нова дограма, нови кровови. Планирано беше да направиме и надградба на детската градинка. Не, рече. Ќе ја срушиме и ќе изградиме нова градинка после педесет години. И ќе ја направиме, градоначалник. Ќе го направиме и кејот и Македонски просветители, Абас Емин, ќе го средиме и колекторот, проектот Свињишки извори, ќе ја средиме и касарната онака како што ти посакуваше. Ќе продолжиме по твојот пат, ќе ги направиме сите проекти. Жалам што не ќе ја оствариме заедно нашата најголема професионална цел. Градоначалник во чие време се одблокира сметката на Општина Охрид“, рече секретарот Бежоски.   

Најемотивното обраќање и збогување од својот татко го имаше синот на Јован, Димитар Стојаноски. Немаше присутен во големата општинска сала кој успеа да ги задржи солзите на неговите зборови.

„Пред неколку дена имаше многу состаноци и се врати во 18 часот, а во 19 веќе имаше нов состанок. Дојде дома, легна малку да одмори и кога стана за половина час јас го прашав: „Добро бе тато како можиш така лесно да заспиеш?“  А тој ми рече: Затоа што ми е чиста совеста. Не можам да ви објаснам колку позитивна енергија имаше тој човек. На почетокот на моите студии на економскиот факултет во Белград не ми одеше се како што треба. Многу се плашев од реакцијата на мојот татко, но ниту во еден момент не добив никаква казна туку само поддршка. Од него научив дека само со поддршка и слога можиме да успееме“, низ солзи зборуваше Димитар.

На крајот од комеморативната седница со својот брат се прости Стојмир Стојаноски кој зборуваше колку Јован неизмерно го сакал Охрид.

„Во последниот период најмногу беше опседнат со реализација на проектот за кејот.  Велеше да се среди кејот бидејќи е тоа лицето на градот и ве замолувам кога тој проект ќе се реализира да го носи неговото име,“ низ солзи остави аманет братот на Градоначалникот.

Во општинската зграда беше отворена книга на жалост во која своето сочуство го изрази речиси целата Влада на РМ, сопартијци, пратеници, советници, пријатели на Градоначалникот Стојаноски. Во Охрид денеска е ден на жалост. Знамињата на цела територија на општината се спуштени на половина копје. Охриѓани се простуваат од својот градски татко.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top