Охрид се гради. За време на туристичката сезона и покрај одлука на градските татковци за мораториум на градежни активности за време на летото во интерес на туризмот. Од Општинскиот инспекторат тврдат дека ги опоменале, и тоа усно, сите кои вршат градежни работи, но дека немаат ингеренции за нешто повеќе од тоа. Но добрите познавачи на оваа проблематика не го делат ваквиот став. Тврдат дека инспекторите и тоа како имаат право и да казнуваат.
Во Охрид интензивно се гради сред сезона.До реадакцијата на ТВМ телевизија од почетокот на јуни месец редовно стигнуваат реакции од граѓани дека во центарот на градот на неколку локации се гради дури и ноќе до раните утрински часови. Најреволтирани се станоиздавачите од мал обем , на кои им заминуваат туристите кои платиле апартман за да одморат а не да слушаат мешалки за бетон и да голтаат прашина. Всушност тоа и беше мотивот на градскиот совет кога пред десеттина години донесе забрана за извршување градежни работи за време на летните месеци во интерес на туризмот. Но тоа не ги попречува инвеститорите да градат и свесно да ја игнорираат Одлуката на градскиот Совет за забрана за градежни активности во централното градско подрачје и крај езерските населби донесена уште во 2006 година. Надлежните пак, кои треба да се погрижат одлуката да се спроведува тоа анемично го гледаат и не реагираат.
ТВМ во неколку наврати бараше одговор од локалната самоуправа за тоа што презема градежниот инспекторат во врска со прекршителите на одлуката за забрана на градежни активности.Пред неполн месец ни кажаа дека градежниот инспекторат излегол на терен и на две локации каде се градело дал опомена да се престане со секакви активности. Но во градов се гради на многу повеќе од две локации. Побаравме одговор од Локалната самоуправа дали инспекторите од тогаш повторно се излезени на терен и што е утврдено и превземено. Од таму го добивме следниот одговор:
став
Општинската градежна инспекција во текот на главната турустичка сезона ги има посетено сите локации во централното градско подрачје каде се извршуваат градежни работи. Инвеститорите, според Одлуката на Советот на општина Охрид, усно се опоменати дека треба да ги прекинат градежните работи и поголемиот дел од нив ги почитуваат опомените. Градежната инспекција, според Законот за градење, нема овластувања за изрекување на друг вид санкции за инвеститорите кои во текот на летото изведуваат градежни работи во централното градско подрачје.
Добрите познавачи на оваа проблематика за ТВМ велат дека не е точно оти градежниот инспекторат нема ингеренции да казнува. Кажуваат дека инспекторите најпрво ги опоменуваат прекршителите, им даваат рок од осум дена да престанат со градба, но ако и по истекувањето на рокот се продолжи со активности тогаш се преминуван кон поднесување пријава. Покрај градежниот инспекторат тука можат да бидат вклучени и другите инспектори. На пример доколку при извршувањето на градежните работи се создава и бука поголема од дозволеното и тоа во периодот од 12 часот напладне до 16 часот кога е време за одмор на граѓаните, тогаш прекршителите можат да бидат казнети и по основ на нарушување на Законот за бучавост. Сето ова наведува на фактот дека инспекторите не дека не можат туку не сакаат да направат ред во овој градежен хаос што се случува летово во Охрид. Со тоа прават услуга на поединци, но штета на поголемиот дел од граѓаните, а најважно на гостите кои дошле кај нас да го поминат својот одмор. Уште еднаш не ќе посакаат да дојдат во место каде ќе се гушат во прашина и ќе бидат изложени на бучава која доаѓа од градилиштата во градов.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град