Се поголем е бројот на пловните објекти во водите на езерото. Каналот Студенчишта станува претесен за пловилата кои се стационирани на овој и онака мал простор кој воопшто не располага со соодветната инфраструктура потребна за одржување и обезбедување на пловилата кои се наоѓаат таму. Така за време на викендот за малку беше избегната катастрофа кога при несоодветно точење на гориво од станица за налевање на гориво на „Пуцко петрол“, беше опожарен еден глисер. Управувачот со станицата кој и онака немал ПП апарат веднаш го напуштил и местото на несреќата.
Живееме во време кога наутиката се користи како средство за промоција и афирмација на туристичките дестинации. Голем е бројот на фирмите заинтересирани за дистрибуција на најсовремени пловила. Така, застапникот за американската марка Tahoe, Skenderovski Marine го направи првиот сериозен настап на ова поле на домашниот пазар. На презентацијата на Охридското езеро во пријатна атмосфера и пробни возења заинтересираните странки се уверија во веродостојноста на тврдењата и во сериозниот пристап на Skenderovski Marine кога станува збор за нивната понуда. Овој пример е за поздравување, но и сопственикот на оваа реномирана компанија, Михајло Скендеровски ја потенцира потребата од итна изградба на марина.
„Единствено нешто што недостига на ова езеро се марините, за да привлечеме гости што имаат свои глисери што се надвор од РМ и зошто да не дојдат да се повозат и да ги видат убавините на ова Охридско езеро“, додава Скендеровски.
Инаку проектот за изградба на марини на Охридското езеро, беше користен како ветување во речиси секоја од предизборните кампањи, од речиси секоја од политичките опции. Се ветуваше изградба не на една не на две, туку дури и на три марини. Како можни места на кои би никнале марините, беа споменувани локациите кај Грашница, кај каналот „Студенчишта“ и локацијата во близина на хотелот Гранит. Но, според зборовите на портпаролот на локалната, Никола Манески од изградбата на марини, сега за сега нема ништо. Станува збор за проект, чија реализација претставува преголем залак за локалната, додава Манески.
„Конкретно ништо не е досега сторено зошто реализацијата на овој проект ги надминува можностите на ЛС, а излезот се гледа во заеднички инвестиционен проект било со државата, било со одреден концесионер, “ потенцира Манески.
Пловната флота во државава ја достигна бројката од 5 бродови и околу 3000 глисери и чамци. Сопствениците на пловните објекти велат дека е време да се изгради современа марина. На тој начин нивните глисери и чамци ќе бидат побезбедни. Уште пред две години, Министерството за транспорт и врски даде зелено светло за изградба на современо пристаниште на охридското крајбрежје. И додека Охрид сеуште чека и се надева дека ќе добие современа марина, во Струга две години функционира марина на суво.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град