Охрид подготвен за Богојавление Водици

Охрид подготвен за најмасовната црковно народна манифестација во земјава Богојавление Водици. Годинава продолжува традицијата, ќе се случи осветувањето на водите на Охридското езеро на градското пристаниште. Нуркачите викендов го чистеа дното на градското пристаниште, голем број медицински екипи ќе се грижат за безбедноста на капачите и присутните.

 |   | 

Охрид се подготвува за празникот Богојавление Водици. Осветувањето на водите на Охридското езеро е круна на новогодишните празнувања. Годинава празникот го организира општината заедно со Дебарско-кичевската епархија. Со почитување и запазување на мерките за заштита од Ковид 19 ќе продолжи вековната традиција.

Викендов нуркачите го расчистуваа дното на градското пристаниште. Времето ќе биде прилично студено, температурата на водата е 7 степени, а температурата на воздухот се очекува да биде околу 4 степени. Ќе има бесплатни медицински прегледи за капачите, а апелот е кратко да се задржат во вода и да не конзумираат алкохол.

Ќе биде суво, нема да има врнежи според прогнозите кои ги имаме, но сепак треба претпазливост. За сите оние кои ќе влегуваат во вода да не се задржуваат повеќе од три минути. Доколку чувствуваат некои здравствени проблеми, доколку чувствуваат некоја слабост да не влегуваат во водите на Охридското езеро. Оние кои влегуваат да носат обувки за да не дојде до посекотини и да носат сува облека. За оние кои се надвор да носат повеќе слојна облека и секако и да конзумираат топли безалкохолни напитоци – вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид. 

Се очекува голем број верници да бидат дел од најмасовната црковно народна манифестација во земјава. Медицинските тимови на Црвениот крст ќе се грижат за безбедноста на капачите и посетителите.

На целиот настан за безбедноста ќе се грижи Црвениот крст со своите тимови, потпомогнати од Итната медицинска помош, Со пет медицински тимови вкупно ќе се обезбедуваат оние кои влегуваат во Охридското езеро со четири тима на спасители вдолж крајбрежието и со два тима на спасители во спасителни чамци. Она што е битно и што секоја година го кажуваме, оваа година дополнително треба да се внимава пред се на протоколите кои што се за заштита од Ковид 19. Ќе има многу народ и сите кои ќе се присутни треба да бидат внимателни да носат заштитни маски, да држат дистанца и да не се групираат во поголеми групи – додава  Точков.

Точно во 10 часот од Светилникот на пристаниште Дебарско-Кичевскиот митрополит г. г Тимотеј ќе го положи Светиот крст во водите на Охридското Езеро. 

 

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top