Охрид нема концертна сала

На Охрид му е неопходен репрезентативен објект за одржување културни настани. Немањето на концертна сала преставува проблем и за фестивалот Охридско лето.Од Локалната објаснуваат дека се чека да се започне изградбата на новиот Центар за култура каде е предвидена и концертна сала која ќе ги исполнува условите за настап на светски ѕвезди.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охрид нема концертна сала. Иако овој проект години наназад беше најавуван како еден од приоритетните, сеуште не е ниту започната негова реализација. Концертната сала му е потребна на градов за да можат да се организираат музички настани од повисок ранг, но пoвеќе од потребна му е и на фестивалот Охридско лето. Тоа го истакна и директорот на овај реномиран фестивал, Оливер Арсовски, кажувајќи дека поради немањето концертна сала во градов повеќе настани од овогодинешното издание на Охридско лето, кои поради лошите временски услови не можеа да се одржат на отворено, беа преместувани во Центарот за култура „Григор Прличев“ каде условите се несоодветни за концерти на едни такви музички ѕвезди како што е на пример џезистот Артуро Сандовал.

Јас сум задоволен како протече овогодинешното издание на фестивалот, но тоа ќе беше уште подобро доколку имавме и друга опција за одржување на концертите освен веќе познатите сцени кои претежно се на отворено. Ние сакаме да донесиме уште позвучни имиња кои ќе гостуваат на фестивалот, но за тоа се потребни соодветни услови и финансиски средства, вели Арсовски.

Од Локалната признаваат дека на Охрид и тоа како му е потребен еден репрезентативен објект за одржување културни настани, во најмала рака барем една концертна сала. Од таму објаснуваат дека ваква сала е предвидена во рамките на новиот Центар за култура кој допрва треба да се гради.

Владата на РМ пред извесен период на своја седница донесе одлука со која го задолжи Министерството за култура да пристапи кон изградба на таков репрезентативен објект во Охрид. Од своја страна Министерството за култура ќе побара во најбрз можен рок изготвување на државно- урбанистичка планска документација од Министерството за транспорт и врски и тоа е најлесниот и најбрзиот пат да се стигне до она што ќе значи идеен проект односно она што ќе значи пристапување кон најбрза промена на деталниот урбанистички план за овај дел на градот, вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.

Постапката е во тек, објаснува Џамтоски, а Локалната е во постојана координација со сите надлежни институции и веруваат дека набрзо ќе се направи измена на ДУП-от за да започне изградбата на долгоочекуваниот репрезентативен културен објек.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top