Охрид нема дневен центар за лица кои употребуваат дрога

Охрид од почетокот на оваа година нема дневен центар за лица кои употребуваат дрога. Моментално функционира само центарот за издавање не метадонска терапија кој привремено беше сместен наспроти кожното одделение при општата болница. Иако тоа решение требаше да биде само краткотрајно, нема изгледи за негова дислокација. Единствено што ќе се прави тоа е подобрување на условите во кои моментално функционира.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охрид нема дневен центар за лица кои употребуваат дрога. Од почетокот на оваа година, центарот, кој воедно беше регионален повеќе не функционира. Тој беше сместен во близина на детската градинка „Развигорче“ што предизвикуваше негодувања кај родителите кои бараа негова дислокација, а воедно центарот се наоѓаше на приватен имот кој со денационализација му се врати на сопственикот, па како најбезболно решение за државата беше овој центар да се затвори. Но, што е со лицата кои се на лекување од употреба на дроги, а нивниот број секојдневно расте. Се поставува прашањето дали некој размислува за оваа категорија граѓани. Доктор Весна Лаброска веќе девет години работи и е посветена на оваа проблематика.

Околу 155 пациенти имаме моментално на третман и се зголемува потребата од третман од овај тип, меѓутоа се покажува потреба од третман и од други видови на дроги. Овај третман во моментов третира опијатна зависност, значи лица кои употребувале хероин, но во поново време се јавуваат и нови супстанции кои се злоупотребуваат па затоа се јавува потреба од проширување на центарот поради зголемување на бројот на пациентите, но и поради појавата на нови видови дроги, вели Д-р Весна Лаброска- шеф на центарот за зависности.

На почетокот на 2015 година при посетата на тогашниот министер за труд и социјална политика Диме Спасов беше истакнато дека во соработка со општината се работи на изнаоѓање решение за дислокација на овој центар, но до ден денес тоа не се направи. Единствено беше дислоциран центарот за издавање не метадонска терапија кој е под надлежност на охридската Општа болница, а кој функционираше во рамките на дневниот центар. Метадонскиот центар од 6-ти март годинава е префрлен наспроти инфективното одделение што пак своевремено предизвика реакции од некои доктори поради фактот што се наоѓа во истата зграда каде што е и одделението за туберкулоза каде се лечи ризична група на граѓани и кои во никој случај не треба да се во контакт со наркозависниците. Ветуваа дека оваа локација на метадонскиот центар е само привремена, но како што стојат работите нема изгледи за негово преместување.

Има заинтересираност од новиот менаџмент на болницата дека доколку не се најде некоја посоодветна локација за центарот тогаш ќе се работи на подобрувањето ан условите во кои се лекуваат пациентите , ќе се осовременат просториите и ќе се набави нов инвентар, вели Д-р Лаброска.

Третманот на зависност не е проблем само на национално туку и на светско ниво. Оние кои работат на оваа проблематика апелираат институциите што посериозно да се зафатат со овој проблем кој наместо да се намалува секојдневно расте, а условите за справување со него се се` полоши.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top