Охрид му оддаде почит на заштитникот на градот, Св. Климент Охридски

Со свечена академија што синоќа се одржа во ЦК „Григор прличев“ завршија овогодинешните чествувања посветени на патронот на градов. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески пред присутните зборуваше колку  погледите на Св. Климент биле далекусежни, колку неговата мисија била, e  и ќе биде надвременска и колку тој не задолжи за достојно да го продолжиме неговото дело. На свеченоста на годинашниот добитник, Општинската организација на Црвен Крст, му беше доделена наградата Св. Климент Охридски- Патронот на Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Охрид му оддаде почит на заштитникот на градот, Св. Климент Охридски. Со свечена академија што синоќа се одржа во ЦК „Григор Прличев“ завршија овогодинешните чествувања посветени на патронот на градов. Со изведбата на химната за Свети Климент од Димитар Масески  од страна на хорот при ОСУ Св. „Климент Охридски„ беше поздравена бројната публика, претставници од јавниот и политичкиот живот и гости од земјава и странство кои беа присутни на академијата. Свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој рече дека тука сме за да го чествуваме светителот, творецот, учителот, епископот, патронот кој животот го посветил на творбата, на обичниот човек, на описменувањето, богослужбата и богољубието во симбиоза. Колку неговите погледи биле далекусежни, колку неговата мисија била, e и ќе биде надвременска можеме да слушнеме, прочитаме, почувствуваме насекаде околу нас, рече градоначалникот.

Ни даде толку многу што не задолжи со генерации и генерации на вечно следење, поклонение, чување на неговото, нашето Свето писмо, Библија, збор, работа над мрзоволието, живот по заповедта на Севишниот, се до поклонението пред неговите свети мошти и понесување на духот на патронот низ нашиот сопствен животен пат. Неговата мисија кодирана во нашата животна мисија, истакна во своето обраќање градоначалникот Бакрачески.

Беседа за великото дело на светецот одржа Проф. Др Кирил Темков. Тој рече дека Свети Климент бил величествен и плодотворен творец, фантастичен беседник и одличен писател, чии дела се сочувани до денес. Бил првокласен организатор, силен педагог, лекар, како што се многуте од седумте охридски светители. Охрид е благословен што Свети Климент  го заштитува Охрид како верска и граѓанска заедница, подвлече Темков.
Градоначалникот Никола Бакрачески, на годинашниот добитник, Општинската организација на Црвен Крст, и ја додели наградата Св. Климент Охридски- Патронот на Охрид. За честа и најпрестижното општинско признание се заблагодари, претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точков.

Сакам да изразам особена благодарност и почит кон сите оние кои се препознаваат во хуманоста и во сите оние кои не препознаваат нас во тоа највозвишеното чуство и највозвишената особина на човекот која никогаш не старее, рече претседател на ЦК Охрид, Сашо Точков.

Свечената академија заврши со настап на најреномираната македонска етно група „ Синтезис“. Публиката имаше можност да ужива во звуците на познатите нумери и во звукот на тапанот и зурлата кој  присутните ги пренесоа во некои дамнешни времиња.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top