Охрид и охриѓани имаат долга традиција за дарување крв

Крводарителството во Охрид традиција која треба да се негува. Црвен крст во пресрет на денот на крводарителството на Република Македонија, одржа трибина на која беа предочени потребите да се биде хуман. Посебен акцент беше ставен на мотивирањето на младите да ја даруваат својата скапоцена течност.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охрид и охриѓани имаат долга традиција за дарување крв. Тие во секоја прилика ја покажувале својата хуманост и ја дарувале течноста што значи живот. Црвен крст Охрид преку најразлични форми на организирање и дејствување, особено внимание посветува на мотивацијата на населението за доброволно дарување крв, што има за цел задоволување на потребните количества од драгоцената течност за пациентите кои се лекуваат во здравствените установи во Охрид. Во охридскиот црвен крст има регистрирани крводарители кои континуирано даруваат крв, па бројките се за секоја почит. Има крводарители кои 50, 75 или 100 пати ја дарувале својата скапоцена течност. Радува фактот што и младите се почесто се приклучуваат во крводарителските акции.

Ние сме задоволни од исполнувањето на планот  за крводарителски акции и со собирање крвни единици во тековната и изминатата 2015та год. Благиот пад кој е забележан  се должи на откажувањето на неколку крводарителни акции кои се одржуваа на отворено поради препораките на државниот завод за трансфузиологија кој смета дека вакви акции не треба да се одржуваат на отворено, вели Мимоза Ставреска, секретар на ЦК Охрид.

Во пресрет на одбележувањето на 17 март, Денот на крводарителството на Република Македонија, Црвен крст Охрид организира јавна трибина на тема „Доброволно крводарителство-потреба и предизвик“. На трибината учествуваа крводарители, стручни лица од Институтот за трансфузиона медицина на Р.Македонија, пациенти, претставници на Клуб 25 на крводарители при Црвен крст Охрид и граѓани. Глигор Новачески, самостоен стручен соработник и одговорно лице  за крводарителство на ЦК во РМ рече дека Охрид во периодот од 2006та до 2013та година го исполнувал планот со 140% и бил меѓу првите десет градови во Македонија по собрани единици крв. Во последните две години се бележи благ пад, но тој е убеден дека за брзо време состојбата ќе се смени во позитивна насока. На ниво на држава целосно се подмируваат потребите од крв и се собираат сите планирани крвни единици, вели Новачески.

Сите потреби се задоволуваат и во последните пет години немаме потреба од објавување апели за крв. Имаме резерви во секое време. Единствено понекогаш може да има недостиг од некоја ретка крвна група, но и тогаш брзо се снаоѓаме , вели Новачески.

Во Охрид, радува фактот што има се поголем број мотиватори кои се позитивен пример за младите кои сакаат да бидат хумани и да ја даруваат својата скапоцена течност.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top