Капетанијата не може ефикасно да ја извршува својата функција и да ја контролира ситуацијата, бидејќи е обезглавена. Под итно да се постави капетан на капетанијата и да се обезбеди присуство на инспекциски и полициски органи на езерото за да се врати безбедноста на туристите и граѓаните, побара Градоначалникот Александар Петрески
Градоначалникот Александар Петрески по трет пат од пред Охридската Капетанија упати апел до централната власт, да не ги игнорира потребите на Охрид и охриѓани и да не ја загрозува туристичката сезона. Петрески се повика на вчерашниот трагичен настан во Струга, во кој загина едно лице возејќи се на скутер потенцирајќи дека ова е уште едно предупредување за тоа што може да се случи кога власта зазема несериозен однос кон едно толку важно прашање, какво што е безбедноста на Охридското езеро.
Со недели предупредувавме дека во Охрид владее хаос со пловните објекти. Капетанијата не може ефикасно да ја извршува својата функција и да ја контролира ситуацијата, бидејќи е обезглавена. Власта со месеци не именува капетан на оваа институција, откако досегашниот Настоски, го однесе новиот бран на ВМРО – ДПМНЕ. Забраната за пловидба на скутери сама по себе нема да ја зголеми безбедноста на езерото. Потребна е присутност на езерото и на инспекторите на капетанијата и на министерството за внатрешни работи, рече Градоначалникот.
Петрески потенцира дека Охрид е преполн со туристи кои дошле да се одморат, а не да стравуваат да не ги прегази некој скутер. Градоначалникот потсети и на бродската трагедија која се случи пред три години.
Сакаме да го потсетиме министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, дека тој беше министер и кога се случи најголемата трагедија со потонувањето на бродот „Илинден“, која остана како црно петно на охридскиот туризам. Тогаш неговата одговорност заврши со неприфаќањето на оставката од страна на премиерот Груевски. Сега тој само пред 2 дена повторно не уверуваше дека имаат контрола на безбедноста во езерото.
Петрески побара под итно да се постави капетан на Капетанијата и да се обезбеди присуство на инспекциски и полициски органи на езерото за да се врати безбедноста на туристите и граѓаните.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град