Официјално отворена авиолинијата Белград- Охрид со Ер Србија. На охридскиот аеродром пристигнаа првите гости со овој лет. Тие задоволни од воведувањето на оваа линија, а градоначалникот на Охрид и менаџерите на авиокомпаниите среќни што успешно се реализира овој проект.
Денеска на охридскиот аеродром Свети Апостол Павле стигнаа првите гости со новата авиолинија Белград- Охрид- Белград. Летот се реализира благодарение на соработката и заедничките залагања на Ер Србија и ТАВ Македонија.
Многу значи оваа линија и ова е начин да се развива туризмот меѓу Охрид и Белград, вели еден од патниците.
Јас доаѓам од Сиднеј преку Абу Даби па Белград и Охрид . Летот е навистина супер бидејќи никаде немавме чекање. Ја поздравувам оваа иницијатива од се срце, вели нашинец кој живее во странство.
Тргнавме од Москва па Белград и сега Охрид. Летот беше навистина пријатен. Уживавме во него, вели еден турист од Русија.
Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека денешниот ден е многу значаен за развојот на туризмот во градов бидејќи гостите од Србија се едни од најпосакуваните во Охрид, а со оваа нова линија им се отвара можност многу брзо и ефтино да стигнат до саканата десетинација.
Со денешниот лет ја означуваме успешната реализација на уште еден мошне значаен проект за Охрид и за РМ. Одржуваме еден континуитет на воведување на нови линии кон Македонските аеродроми и со тоа ги продолжуваме нашите напори за привлекување странски туристи, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстески рече дека среќни се што после 3 години пауза, летовите на Ер Србија Белград-Охрид-Белград повторно се воспоставуваат.
Оваа линија ќе го зголеми интересот за побрзо и покомотно доаѓање на туристите од соседна Србија, со оглед на нивниот интерес за природните убавини, историјата, културата и традицијата на Охрид. Оваа линија ќе биде олеснување и за нашите кои живеат во САД и прекуокеанските земји, преку нововоспоставената линија Белград-Њујорк, за да можат полесно и побрзо да доаѓаат во родниот крај. Се надеваме дека отворањето на оваа рута, заедно со редовната линија Скопје-Белград, ќе биде поттик за збогатување на добрата соработка меѓу ТАВ Македонија, како аеродромски оператор и Ер Србија, како авиокомпанија, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Генералниот директор за услуги на Ер Србија, Мајкл Јоултен рече дека Охрид е посакувана дестинација и е специфичен по многу места па сигурен е дека многу туристи од Србија, но и од другите краишта на светот ќе доаѓаат со новата авиолинија да уживаат во неговите убавини.
Охрид, со своето живописно езеро, водените спортови, рибарење и пловење со брод, е фантастично дополнување на нашата мрежа на летови и популарна атракција за летувалците. Градот ги привлекува туристите од цела југоисточна Европа, кои што сега можат да ги искористат погодностите на нашите летови за поврзување преку Белград за да ги искусат многуте атракции. Туризмот е од суштинско значење за нашиот раст како авиокомпанија, затоа ние ќе продолжиме да правиме процена на можностите за воспоставување на авионски услуги до летните најатрактивни дестинации, рече Мајкл Јоултен-генерален директор за услуги на Ер Србија
Новиот лет ќе оперира во понеделник, среда и петок и тоа во периодот од јуни до септември, а доколку се покаже оправданост во неговото воведување ќе оперира и во останатите месеци од годината.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град