Им ја одзеле социјалната помош бидејќи имале возило пријавено на нивно име

Осумчленото семејство на Демо Илбер веќе неколку години преживува само од продажба на старо железо.

 |  Мишел Наумоски  | 
socijalno
socijalno

Demo IlberДемо Илбер е жител на улица „Железничка“. Тој заедно со сопругата и нивните шест деца веќе неколку години преживуваат како знаат и умеат. И двајцата се невработени, а нивните две најстари деца одат и на училиште. Покрај сите сметки, тие плаќаат и 720 денари кирија за бараката во која живеат. Пред околу три години семејството Илбер било корисник на социјална парична помош во висина од 2.200 денари. Сега им ги укинале и овие пари бидејќи поседувале возило на нивно име. „Тоа возило сега е фрлено во отпад, се обидов повторно да аплицирам за социјална помош ама ме одбија, ми рекоа дека треба да го одјавам возилото, ама за тоа требаат 1200 денари, каде да ги најдам нив“-прашува Демо.

„Па еве три години без помош сум сега, и со шест деца не можам да преживеам, моментално ништо не работам, одам по железа кај ќе се снајдам кај ќе ми дадат, каде ќе ме избркаат. Не знам друго, чаре од оваа наша Македонија, не знам на кого да се пожалам. Треба само вака да излезиш, јавно да зборуваш за да ти помогне некој инаку дури не излезиш во јавност ништо не можат да ти помогнат. Со шест деца и плус ние двајца, осум члена сме. Не можам да се снајдам ни за јадење, ни за пиење, ни за ништо. “-вели Демо Илбер.

Ekrem kaljoshiГо контактиравме директорот на Центарот за социјални работи, Екрем Каљоши, кој ни рече дека постои законска процедура за утврдување на социјалната парична помош. Лицата кои што аплицираат за ова право мора да се невработени, семејството да нема приходи и да се наоѓа во реален социјален ризик. Според последната евиденција од октомври, ноември и декември 2011 година, во Охрид имало 520 корисници на социјална парична помош, за по обновата на податоците оваа бројка да се сведе на 420.

„Многу случаеви од оваа бројка што претходно ја имавме од 520 социјални случаи до 420  е резултат на износот на приходите кои што ги имале одредени семејства. Имаат приходи по земјоделска дејност, имаат приходи по основ на давање на одредени простории под закуп и тие износи кои што тие ги добивале не се мали. Значи ние имаме само пет семејства кои што се исклучени за остварени приходи до 5000 односно до 10 000 денари.“-рече Екрем Каљоши-Директор на Центар за социјални работи од Охрид.

Директорот Каљоши напомена дека сите корисници на социјална парична помош во рок од 15 дена мора да ги пријавуваат сите промени од материјален или семеен аспект со цел да не биде одземено правото на социјална парична помош. 5 до 10 барања месечно за социјална помош се просекот со кој моментално се соочуваат во Центарот за социјални работи. Дали Законот за социјална заштита е премногу ригозорен или пак корисниците на социјална помош се неажурни, тешко е да се процени. Она што е јасно дека тешко некој може да преживее од социјална помош.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top