Во моментот има 25 вработени, а до крајот на годината велат дека бројката ќе стигне до 100 вработени.
Целосно адаптирана производствената хала за инвестицијата на германската компанија ОДВ електрик. Донесена е и првата производствена линија во адаптираниот објект со големина од 1500 метри квадратни. Огнен Цубалевски, директор на ОДВ Електрик Македонија вели дека очекуваат напролет да започне израдбата на новиот производствен објект во технолошко-индустриската развојна зона помеѓу Охрид и Струга.
Според него, само во првата фаза од инвестицијата ќе вложат околу 4 милиони евра, за до крајот на реализацијата на проектот да имаат производствен капацитет на површина од 10000 метри квадратни и околу 1000 вработени лица. Веќе се врати првата група вработени од Украина каде успешно ги завршија шестнеделните обуки.
„Втората група на вработени се подготвува во понеделник да оди на обука во Украина. Во моментов во Охрид завривме со адаптација на хала, од 1500 метри квадратни. Имаме дваесет и пет вработени и очекуваме до крајот на годината да стигнеме до 100 вработени. Досега фирмата има инвестирано во опрема 600.000 евра за првата производствена линија и очекуваме некаде до крајот на годинава да завршиме со подготовките и тест на производството, така да до крајот на годинава, ќе почнеме со првите комерцијални аранжмани, односно испорака на производот од Македонија кон нашите клиенти во Европа и светот.“-вели директорот на ОДВ Електрик-Македонија, Огнен Цубалевски.
Извршниот директор на ОДВ Електрик од Германија, Лудвиг Батон, задоволен од работната сила во Македонија.
„Многу сме задоволни од поддршката на Виктор Мизо и градоначалникот Бакрачески и задоволни сме со нивото на вештините кои ги најдовме во Охрид. Финализиравме некои аспекти и дадовме поддршка на некои процеси за нашите колеги овде.“-рече извршниот директор на ОДВ Електрик-Германија, Лудвиг Батон.
Градоначалникот Бакрачески вели дека даваат апсолутна поддршка на сите напори за олеснување и забрзување на постапките за влез на новиот инвеститор во Охрид, кој според него е од огромно значење за граѓаните на нашиот град.
„Ваквиот влез на странски инвеститори е од круцијално значење за придвижување на локалната економија и претставува основен предуслов за овозможување на еден локален раст и секако за подигање на животниот стандард на населението на Охрид, преку креирање на нови работни места, а секако функционирањето на оваа компанија и други компании кои владата ги аниира со цел да дојдат и ја реализираат оваа инвестиција во Охрид се создаваат услови за соработка со локални компании од Охрид.“-изјави Никола Бакрачески-Градоначалник на Охрид.
За директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо инвестицијата на ОДВ Електрик е доказ дека се повеќе инвеститори бираат да вложат надвор од главниот град на државава.
„Ваквата инвестиција за Охрид на само оваа компанија со 1000 вработени има многу поголемо значење за помал град отколку таква иста компанија што би имала значај за два, три, десет пати поголем град врз база на бројот на жители. Гледаме дека целиот охридско-струшки регион, Кичево, Ранковце, Штип, Кочани, Битола, Кавадарци, Демир Хисар се повеќе компании одлучуваат во градови надвор од главниот град што значи дека се даваат можности за рамномерен економски развој и истовремено младите луѓе во овие градови да имаат перспектива.“-вели директорот на дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Виктор Мизо.
Според најавите на директорот на ОДВ Електрик-Македонија, Огнен Цубалевски, нововработените лица во нивната компанија ќе добиваат плата од околу 200 евра со регулирани законски обврски кои работодавците треба да ги исполнуваат во државава. Според него со зголемувањето на продуктивноста на трудот, ќе има зголемување и на платите кои вработените ќе ги примаат во иднина, пред се на квалификуваните кадри. Цубалевски додава дека од моментално вработените добар дел биле невработени лица, но не прецизираше дали станува збор за невработени лица кои како такви се регистрирани во Агенцијата за вработување. За во иднина најави дека пред се ќе обрнуваат внимание на техничките квалификации на апликантите.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град