Одлична изложба на Фото клуб Охрид

Фотографијата ги зачувува од минливост моментите во времето. 50 такви секвенци уловени од објективот на 12 фотографи се дел од традиционалната изложба на Фото клуб Охрид во чест на празникот Св Климент Охридски. Членовите на клубот и годинава ја истакнаа потребата од простор каде ќе може да работат и да го едуцираат подмладокот на клубот.

 |   | 

Во чест на празникот Свети Климент Охридски, во изложбениот салон при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ беше отворена традиционалната, 23-та по ред изложба на Фото клуб Охрид. Изложбената поставка содржи 50 фотографии со различни мотиви, дела на 12 автори.

Фотографијата ги зачувува од минливост моментите како одредени секвенци од времето. Фотографијата добива повластен статус меѓу уметностите според дефиницијата на уметноста од времето на Платон како копија на реалноста. Безвременоста и непосредноста е суштинска особиност на фотографијата, истакна во своето обраќање пред присутните претседателот на ФОТО Клуб Охрид, Димче Коруноски.  

Ние членовите на Фото Клуб Охрид ви доловуваме заробени моменти од време кое е минливо. Пред вас се 50 заробени моменти, запрени движења, погледи и емоции. Пред нас има уште многу монети кои треба да бидат забележани. За тоа ни треба вашата поддршка, како публика и како институции кои ќе ни помогнат да продолжиме со работа во подобри услови и подмалдување на клубот – истакна пред присутните Коруноски.

Ѓоко Симјаноски повеќе од 10 години е член на Фото Клуб Охрид. Вели дека слободната тема на годинешната изложба и дава посебна убавина затоа што ги открива тајните на авторите што тие ги носат во себе и сакаат да го изложат пред очите на публиката. И Симјаноски ја истакна потребата од простор во кој клубот ќе може да функционира.

Тоа со години наназад го потенцираме, а тоа е простор, една просторија во која би можеле да ја пишуваме сегашната и да ја оставиме историјата на идните генерации. Ние живееме партизански, еднаш годишно се среќаваме овде на оваа изложба по повод празникот, а кога би имале простор сигурно дека повеќе изложби би се направиле. Ние сакаме да имаме простор каде ќе ги едуцираме младите и би привлекувале млади љубители на фотографијата. Вечерва можевте да видите дека има и млада популација, а веќе имаме и подмладок во нашите редови што многу не радува – вели Симјаноски.

На изложбата беше присутен и градоначалникот Кирил Пецаков кој упати честитки до организаторите, но и од прва рака ги слушна нивните барања. 

Факт е дека Општината треба да биде партнер во многу области па така и да им излеземе во пресрет и на членовите на овој Фото Клуб и се надевам дека врз основа на проектите и градбите коишто ги имаме тековно, а има уште еден момент Центрите за култура врз основа на новите законски решенија ќе бидат враќани под надлежност на локалната самоуправа па и во ова зграда е можно да се пронајде баш таков простор каде овие луѓе ќе можат да ја изразат својата уметност – истакна Пецаков.

Љубителите на фотографијата можат да ја погледнат изложбата во наредите десеттина денови во изложбениот салон во Центаот за култура.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top