• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Од втор обид изгласана предлог Одлуката за усвојување на Годишната Програма за поставување времени објекти

Од втор обид изгласана предлог Одлуката за усвојување на Годишната Програма за поставување времени објекти

Од втор обид изгласана предлог Одлуката за усвојување на Годишната Програма за поставување времени објекти во општина Охрид за 2016 година. Многучасовна дискусија и спротивставени ставови предизвика оваа точка од дневниот ред  на денешната седница. На крајот сепак таа доби зелено светло, овојпат од сите позиционери.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Предлог Одлука за усвојување на Годишната Програма за поставување времени објекти во општина Охрид за 2016 година, точка која предизвика најмногу дискусии на  педесет и седмата седница на Советот на општина Охрид. Откога на минатата седница оваа точка не беше изгласана, денес по втор пат беше ставена на дневен ред со објаснување дека е од исклучително значење за граѓаните на Охрид кои имаат времени објекти. Опозицијата со низа забелешки потенцираше дека со донесувањето на оваа одлука Локалната за едни граѓани ќе биде мајка, а за други маќеа бидејќи во 2013та година на поголемиот дел од тие кои имаа времени објекти им ги одзеде и им ги сруши, а сега оние кои останаа сака да ги легализира. Станува збор за 11 локации на кои има повеќе од дваесет објекти. За советничката од редовите на СДСМ, Жаклина Лазареска најспорни се објектите на локацијата број 6, а тоа се оние кои се наоѓаат наспроти новата автобуска станица.

Сметаме дека локацијата 6 треба да биде изземена од оваа одлука да се доврши постапката за легализација која е во тек  бидејќи може да се доведе општината во ситуација да оди по судови да плаќа трошоци додека спорот не добие судска разрешница. Ние сметаме дека не треба да се донесуваат избрзани одлуки  кои ќе се на штета на општината, смета Лазареска.

Јоне Станкоски од ВМРО НП реагираше на индолентниот однос на локалната во врска со посочувањата, а и барањата на жителите од урбаната заедница 10 а тоа е Горна влашка маала за дислокација на некогашната лебара на Жито леб и уредувањето на просторот на некогашниот тафтинг. Станкоски вели дека Локалната наместо да им излезе во пресрет на граѓаните од овој дел од градот и на тоа место да направи детско игралиште таа сака да го легализира објектот на бараката на Жито леб кој пак е собиралиште на нарко зависници.

Секојдневно наоѓаме шприцеви кои се опасност и за жителите и за децата кои таму играат. Треба да се земе во предвид и фактот дека во непосредна близина се наоѓа О.У. „Христо Узунов“ каде учат повеќе од 1000 ученици и кои секојдневно за време на школската година се сведоци на оваа појава, вели Станкоски.

Градоначалникот Никола Бакрачески рече дека изјавите на советниците од опозицијата имаат политичка конотација и не се во интерес на граѓаните.

Добро е што оваа точка е ставена на дневен ред на Седница  па граѓаните ќе можат да видат и да слушнат  што мисли опозицијата за тоа и колку се издржани нивните изјави против донесувањето на оваа програма. Ние работиме во интерес на граѓаните можеби некои поединци нема да се задоволни од денешната одлука и можеби со тоа овој состав на советници од позицијата ќе изгуби поени, но да бидете сигурни дека ќе добие Охрид, рече градоначалникот Никола Бакрачески.

Оваа точка беше изгласана од страна на позицијата додека сите опозиционери беа против.
Зелено светло добија и  Предлог Одлуката за усвојување на Елаборатот за проценка на штети од земјотрес настанати на подрачјето на општина Охрид на ден 21.05.2016 година,  Предлог Одлуката за утврдување на надоместок за поставување на инсталации во трупот на патот, патниот и заштитниот појас, прекумерно користење на патот и вонреден превоз, Предлог Одлуката за утврдување на цени за поставување времени објекти во општина Охрид, Предлог Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за усвојување на годишната програма за поставување на урбана опрема во општина Охрид за 2016 година, Предлог Одлуката за исправка на Одлуката за донесување детален урбанистички план за 6-та УЗ, дел од УБ 6.1 – опфат 1 Охрид, општина Охрид, плански период 2014 – 2019.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top