Ракометна пролетна полусезона од недела во Охрид. На градскиот ракометен клуб за пласман во плејофот му се потребни 5 победи, а прв противник е Бутел. Скопската екипа е традиционално најнезгодниот противник за „Гладијаторите“, па затоа повеќе од потребна е поддршката од трибините.
По очекуваниот пораз на гости од Еурофарм Пелистер, oхридскиот ракометен клуб го очекувaат серија натпревари на кои мора да победи. Тоа што „Гладијаторите“ го одиграа во Битола не треба да ги загрижи фановите на клубот бидејќи резулатот не е вистинското мерило за квалитетните подготовки и моменталната форма која ја поседува екипата. Дека охриѓани знаат да победуваат ќе покажат веќе на наредниот дуел.
На гости ни доаѓа екипата на Бутел, знаеме за каква екипа се работи, добра и искусна. Тие го имаат обезбедено учеството во плејофот за разлика од нас. Ние ќе дадеме се од себе, добро да ја започнеме оваа полусезона, да победиме на двата следни натпревари и да обезбедиме учество во плејофот кое ни е многу важно – изјави за ТВМ Јагош Брауновиќ, ракометар на ГРК Охрид.
Стилот на игра која го има Бутел е оној кој најмалку им одговара на охриѓани. Физички силна одбрана која секогаш игра на контакт, искусни играчи кои одлично го препознаваат ритамот на натпреварот. Во првиот натпревар од оваа сезона во Скопје, Бутел победи минимално 15:14 што покажува колку се важни одбраните на голманите и реализирањето на чистите шутеви.
Можам само да ги посоветувам на почетокот на натпреварот квалитетно да шутираат и да постигнат гол. Важно е на првите шутеви голманот да не оствари серија одбрани, бидејќи потоа тешко е да се шутира – вели Брауновиќ.
На охриѓани им е неопходна победа на овој дуел за да не зависат од другите резулатати во Суперлигата. За тоа потребен е и осмиот играч, верната охридска публика. Натпреварот ГРК Охрид – РК Бутел Скопје закажан е за во недела со почеток во 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град