Од денес ограничени маржи на основните прехранбени производи

Стапи на сила одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, што минатиот вторник ја донесе Владата на предлог на Министерството за економија, а престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.

 |  Голабовски Крсте  | 

Стапи на сила одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало, што минатиот вторник ја донесе Владата на предлог на Министерството за економија, а престанува да важи претходната одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени производи.

Новата одлука, во која на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло и солта, ќе важи до 31 мај годинава.

Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.

Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро трговец, од 1.600 до 2.000 евра за мал трговец, од 3.000 до 6.000 евра за среден трговец и од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за голем трговец.

Во наредниот период, според најавите од надлежните, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи можат да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.

Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека со одлуката за ограничување на маржите  ќе се стабилизира пазарот и не верува дека ќе има нов ценовен шок.

Тој смета дека со претходната мерка за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти поголемиот товар паднал врз производителите, отколку врз трговците на големо и мало. Во време на пандемија, поточно во 2020 година, како што истакна, дел од супермаркетите во земјава имале нето профит кој се движел од три до 8,5 милиони евра. Токму затоа одлуката за ограничување на маржите важи до крајот на мај кога се очекува да биде донесен законот за нефер трговски пракси со кој меѓу другото се предвидува категоризација на супермаркетите.

Стопанската комора, пак, во петокот побара итна средба со министерот за економија за дополнителни консултации со цел наоѓање избалансирано решение за замрзнувањето на маржите во трговијата на големо и на мало.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top