Обуки на наставници од Охрид и Дебрца за работа со ученици со лесна попреченост

Наставници од ОУ „Дебрца“ од село Белчишта и нивни колеги од Турција и Романија споделуваат искуства и се едуцираат за унапредување на методите и техниките за работа со деца со лесна попреченост и ученици од социјално ранливи семејства. Активностите и работилниците коишто ги опфаќаат и децата и наставниот кадар се во рамки на проектот „Вклучи Ме“ од Еразмус + програмата финансиран од Европската комисија.

 |   | 

Обуки на наставници за работа со ученици со лесна попреченост за целосна инклузија на тие деца и полесно совладување на наставниот материјал се спроведуваат деновиве во Охрид и Дебрца. Обуките ги реализира НО Ресурсен центар од Скопје во рамки на проектот „Include me in“ од Еразмус + програмата. Носител на проектот е ОУ„ Дебрца“, а партнери се училишта од Кападокија Турција и Романија. Фокусот на активностите е врз децата со лесна попреченост во развојот и деца од социјално ранливи семејства да се овозможи нивна максимална вклученост во училишната средина, вели  Далиборка Сајческа Симоноска наставник по историја и граѓанско образование во ОУ„ Дебрца“ и главен координатор на проектот.

Предизвиците со кои се соочуваат наставниците секојдневно во работата со децата со лесна попреченост се огромни и се однесуваат на повеќе аспекти. Некои родители одбиваат да прифатат дека нивното дете има некаква попреченост во развојот. Немаме никаква поддршка во смисла на помош во дидактички материјали. Ние како наставници, посебно во нашето училиште, сме посетувале многу обуки на оваа тематика, исто така наставниот кадар ни е доста креативен, употребуваме многу различни методи и техники со кои им ја олеснуваме наставата и совладувањето на материјалот на овие дечиња – вели Далиборка Сајческа Симоноска главен координатор на проектот.

Целта ни е да ја подигнеме инклузијата на едно повисоко ниво преку подобрување на условите за децата полесно да ги совладуваат наставните материјали и да стекнуваат вештини потребни и во училиштето и надвор од него во секојдневниот живот. Во проектот предвидени се низа активности и работилници преку кои децата со лесна попреченост стекнуваат вештини за користење дигитални алатки и апликации. За таа цел во рамки на проектот основното училиште во село Белчишта набави таблети за своите ученици.  

Имавме и спортски игри коишто беа наменети за подобрување на психомоторните способности на децата, подобрување на фокусот и секако нивната моторика и концентрација во наставата. Покрај ова ние имаме предвидено и работилници за животни вештини кои ќе им го олеснат нивниот живот, не само во училиштето, туку и надвор. Затоа овој проект покрај другото има и многу благородна голема цел и порака со која шириме љубов, поддршка и разбирање за овие лица – посочува Сајческа Симоноска.

Инклузивната клима во ОУ „Дебрца“ ја надополнува и еден образовен асистент кој работи со децата со атипичен развој.

Инаку, „Include me in“ е единствен проект од овој тип финансиран од Европската комисија во нашата земја. Ова е четврт проект од Еразмус + програмата кој се спроведува во ОУ „Дебрца“. Првиот проект беше „Play2adapt“ во 2018-та година за инклузија на маргинализирани групи на ученици, потоа следуваа „Кодирање и роботика во основно училиште“ и проектот „Амбасадори на Културата“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top