(ОБНОВЕНО) ГЕОРГИЕСКИ ГО ОБРАЗЛОЖИ ЈАВНИОТ ПОВИК ЗА УРЕДУВАЊЕ НА ПЛАЖИТЕ

Општина Охрид наредниве месец дена ќе прибира идејни решенија за нов изглед на плажите на сите крајбрежни локации каде што беа спроведени активности за отстранување на бесправните објекти. Основната цел на јавниот повик обајвен денеска е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот и да бидат уредени по желба на граѓаните, а согласно еко стандардите и според препораките на УНЕСКО, истакна на прес конференција градоначалникот Константин Георгиески. Идеите на архитектите и стручните лица ќе бидат објавени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение.

 |   | 

Општина Охрид денеска објави Јавен Повик за прибирање на идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро, согласно еко стандардите и според препораките на УНЕСКО. Градоначалникот Константин Георгиески за медиумите изјави дека привремениот концепт за слободно користење на плажите оваа туристичка сезона, се покажал како ефективен и успешен и донел една новина во понудата на крајбрежјето. Повикот е продолжување во процесот на уредувањето на сите крајбрежни локации каде што беа спроведени активности за отстранување на бесправните објекти .

Основната цел е плажите да бидат јавни и слободни за користење, во функција на туризмот и да бидат уредени по желба на граѓаните. Целта на повикот е вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи – посочи градоначалникот.

Во рамки на повикот кој веќе е објавен на Општинската веб страница, детално се предвидени сите општи услови за уредување и изгледот на отворениот простор и инфраструктурата. Па така, предвидено е плажите да се уредуваат со автохтони материјали како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на: метал, лим, бетон, бехатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен. 

Оваа можност ја користам да ги повикам сите архитекти и стручни лица од оваа област, да покажат интерес и да се вклучат во оваа мисија за креирање на нова слика на крајбрежјето, создавање на една нова понуда која ќе ги подобри условите за развој на туризмот и ќе овозможи зачувување на природните богатства – рече Георгиески.

Конкурсот е анонимен и право на учество имаат сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот. Секој учесник има право да учествува со еден труд, а крајниот рок за поднесување на идејните решенија е 29.09.2021 година, до 13:00 часот. Доставените решенија ќе бидат објавени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение.

 

Општина Охрид во текот на изминатиот период покажа сериозна посветеност на исполнување на препораките на УНЕСКО и почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со што успеавме да го зачуваме статусот на заштитено подрачје. Добиеме нов дополнителен период за продолжување на сите активности и мерки, кои ќе придонесат во решавањето на децениските проблеми и ќе обезбедат подобра заштита на долг рок.

Плажите беа секојдневно одржувани во две смени од комуналните служби, со цел да се обезбедат услови за пријатен одмор на гостите. Денеска, пред самиот крај на летната туристичка сезона може да кажеме дека привремениот концепт за слободно користење на плажите, се покажа ефективен и успешен и донесе една новина во понудата на крајбрежјето на Охридското Езеро.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top