(ОБНОВЕНО) Доделени највисоките признанија, Светиклиментовата награда и повелбите

Доделени највисоките општински признанија за заслужни граѓани Св. Климент Охридски – Патрон на градот Охрид. Синоќа на свечена академија Градоначалникот Кирил Пецаков ја врачи Светиклиментовата награда за животно дело на академик Љупчо Коцарев. Годинава беа доделени три повелби, на Гордана Лолеска, Здружението Еко Фап и постхумно на Мишо Јузмески.

 |   | 

Охрид го чествува Св. Климент Охридски заштитникот на градот. Централниот настан, Свечената академија се одржа синоќа во големата сала на Општина Охрид на која беа доделени највисоките признанија на заслужни граѓани, Светиклиментовата награда и повелбите.

Свети Климент Охридски е меѓу ретките личности од цивилизациско и милениумско значење. Климент му припаѓа еднакво на сите словенски народи и пошироко, на целата европска цивилизација, но пред се е наш, зошто корените му се македонски, зошто од Охрид направил јадро на писменоста и културата. Затоа долгот што го имаме кон неговото дело е и долг кон нашето минато и историја. И денес по толку одминато време сеуште се крепиме од духовната и интелектуалната храна која ни ја оставил нашиот учител. Климент ни поставил задача на сите нас „Да се надминуваме еден со друг со добрина. Да бегаме од злото зошто оној што зло прави е грд, а добриот е личен и уште од денес да се помачиме за добри дела“Ајде сите сложно да создаваме проекти за доброто на Охрид и охриѓани. Заедно да го доградуваме и разубавуваме зошто само така ќе имаме заеднички напредок и просперитет – рече во своето обраќање градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Градоначалникот ја врачи Наградата за животно дело „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“ на академик проф. д-р Љупчо Коцарев, Претседател на МАНУ, признат интелектуалец и научник во светски рамки.

Неспорно е дека науката ни треба за нашата иднина но без уметност ние сме осудени на заборав, а без обединување нема опстој. Тоа не треба да го заборавиме ни денес ни утре, никогаш. Во изминатите повеќе од илјада години Охрид израсна во духовна метропола на словенскиот свет станувајќи едно од најголемите и најзначајни жаришта на словенската култура и просвета и уметност. Оваа награда за тоа сведочи, има важна мисија да се спротистави на се поприсутните тенденции, особено изразени последните неколку години, за демакедонизација на Македонија што ја разградува темелната смисла на нашиот културен, верски и национален идентитет – истакна Коцарев.

Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, годинава одлучи да додели три повелби. Признанијата ги врачи Претседателот на Советот на Охрид, Сашо Донев на Гордана Лолеска, активист за правата на лицата со ретки болести, на доброволното противпожарно и хуманитарно здружение Здружение „ЕКО ФАП“ и признанието доделено постхумно на Мишо Јузмески, писател, фотограф, културен и туристички работник, беше врачено на неговиот внук Крсте Пурцов.

Неговите дела зборуваат за се што тој направил низ неговиот живот за промоција на градот Охрид како и промовирање на културните вредности. Можам само да изјавам дека неговиот лик и дело ќе продолжи да живее, јас ќе продолжам да ги промовирам неговите книги, спомен собата на А. Ден Долард. Сакам да упатам голема благодарност и ми е жал што не е повеќе со нас за да може лично да ја прими оваа награда – кажа внукот на Јузмески, Крсте Пурцов.

Наградата не е само моја, таа е наша мои охриѓани, бидејќи без ваша поддршка нема да можев да организирам ниту еден настан и успешно да го реализирам. Во знак на почит одлучив признанието да го поделам со волонтерите на Црвен Крст, со спортските, културните и образовните работници, а секако и со медиумите кои годиниве беа мојот најголем ветер во грб. Благодарение на нив нашата заедничка борба за видливост на ретките болести го обиколи целиот свет. Оваа повелба им ја посветувам на сите пациенти со ретки болести, особено за оние за коишто нема третман, посебно за пациентите со Алпортов синдром – кажа пред присутните, Гордана Лолеска – активист и хуманист „Ретко е да си редок“.

Голема е честа едно младо здружение коешто постои година и половина е добитник на повелбата. Еко Фап е Охрид, Охрид е Еко Фап, сметаме дека со нашите активности донесовме еден нов ветар и посакуваме во разни сфери да се раѓаат слични активисти секој во својата област – кажа Горан Устијаноски од Здружението ЕКО ФАП.

Свеченоста заврши со пригодна културно-уметничка програма во која учествуваа хорот од ОСУ “Св Климент Охридски“ под водстсво на диригент Александар Димоски, ученици од ОМУ „Методи Патче“ и проф. Емилија Маринова на пијано, како и актерите од Народниот театар Охрид, Павел Маслов и Адријана Билаловиќ Тодороска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top