„За последен 1ви Септември без сеопфатно сексуално образование“, ова е името на кампањата која невладината „ХЕРА“ ја спроведува деновиве.
Невладината организација „ХЕРА“ ја бара подршката од граѓаните за воведување на сеопфатно сексуално образование како предмет во училиштата ширум земјава. Насловена „За последен 1ви Септември без сеопфатно сексуално образование“ нивната кампања деновиве е фокусирана на привлекување на вниманието на ресорното министерство за образование околу потребата од воведување на ваков предмет во образованието. Претставниците од „ХЕРА“ велат дека според нивното истражување „Љубов после часови“, и кај родителите, и кај професорите и особено кај децата постои подготвеност па дури и желба за воведување на сеопфатното сексуално образование како предмет во нивната настава. А еве што точно значи „сеопфатно сексуално образование“.
„Сеопфатното сексуално образование е образование кое што го интегрира целосниот систем на вредности на младите што ќе им овозможи да ги практикуваат своите сексуални и репродуктивни права, да остварат максимум од своето здравје, што ќе овозможи понатаму во иднина да се намали стигмата и дискриминацијата меѓу младите, да се намали семејното и родовото насилство, младите да ги знаат разликите што е пол, што е род, понатаму како правилно да се изградат како личности, да знаат што е тоа љубов, што се тоа емоции. Сексуалното образование не подразбира само предавање во однос на биолошкиот аспект на сексуалноста, односно како да се заштитат од сексуално преносливи инфекции или како да се заштитат од несакана бременост, комплексно е, затоа е зборот сеопфатно пред зборот сексуално образование, затоа што тука се вклучени и психосоцијалните аспекти на сексуалноста, културолошките…“-рече Велимир Савески од НВО „ХЕРА“.
Ова е веќе трет ден од нивната акција, заинтересираност велат дека постои и кај младите, и кај родителите, па дури и кај постарите лица. Додаваат дека она што во моментот им се нуди на младите од областа на сексуалното образование не е доволно, и дека токму тоа е целта на кампањата, ресорното министерство да ја увиди потребата од ваквиот предмет.
„Во Република Македонија постои еден предмет, еден прирачник кој се вика „Животни вештини“, но тој се предава во одреден дел од училиштата кај нас, но тоа не е доволно. Самиот предмет „Животни вештини“ има многу недостатоци, погрешни информации. Она што е важно е дека наставниците односно професорите не се подготвени да ги предаваат сите теми. Избегнуваат да предаваат теми кои се однесуваат на психосоцијалниот и емотивниот дел од сексуалноста. Полесно им е да отворат теми за ХИВ-Сида, заштита од несакана бременост, но тоа е само парцијално и нецелосно. На младите им треба многу повеќе информации. Во претходните неколку месеци, па и години имавме неколку средби со министерот, имавме дебата на телевизија каде тој се произнесе дека моментално не е потребно воведување на ваков предмет во училиштата.“-рече Савески.
Она што е интересно е дека нашата држава веќе има донесено три национални стратегии кои што имаат дадено препораки за воведување на сеопфатно сексуално образование. Тоа се „Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје“, „Стратегијата за безбедно мајчинство“ и „Стратегијата за ХИВ-Сида“. Инаку, невладината „ХЕРА“ потписи ќе собира во неколку поголеми градови. Ова им е веќе трет ден од кампањата во која покрај нашиот град ги посетиле и Битола и Штип, додека во наредните денови ќе бидат во Куманово, Струмица, Тетово и Скопје.
Потписите од граѓаните на крај ќе му бидат доставени на Министерот за образование, Спиро Ристовски, додека на дневна основа до министерството се испраќаат и разгледниците со името на кампањата преку кои исто така граѓаните можат да ја дадат својата подршка за воведување на предметот.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град