Дружба, запознавање на нови луѓе, но најважно од се, нови можности за вработување. Сето ова, благодарение на проектот за социјална инклузија на лицата со хендикеп.
„Ова се врските кои се создаваат во семејството, на работното место, и ова се врските кои ние ги создадовме изминативе три дена“. Со оваа скоро поетска мисла, психологот Шпела Реш на лицата со хендикеп им покажа колку се значајни врските на работното место, комуникацијата, себепретставувањето пред работодавците, а се со цел или нивно полесно вработување или полесна и покоренита интеграција на своето работно место.
Овие вештини, тие ги учеа на работилницата која деновиве се одржува во Охрид, како дел од проектот на Европската унија за социјална инклузија на лицата со хендикеп. Тие едногласни дека ова е одлична иницијатива и дека научиле многу работи.
„Овде учиме, имаме обука, имаме различни активности, различни задачи, но едно што е најважна задача е тоа како да комуницираме со работодавачите.“
„Овде имаме активности за телесен инвалидитет, овде е добро, се дружиме, ги обавуваме своите активности, се запознаваме. Јас сум прв пат зачленет во вакво друштво.“-рекоа дел од учесниците во обуката.
Станува збор за еден психосоцијален програм во кој се мотивираат лицата со инвалидитет да побараат работа на пазарот на трудот, ги учат како да комуницираат со своите колеги, но и како да ги усовршуваат вештините за барање на работа.
„Целта е нормално вработување, целта е интеграција на лицата со инвалидитет. Јас мислам дека и овде и во Европа и во Словенија и било каде. Секако работодавецот треба да добие некое олеснување, финансиско, но целта не смее да биде таа финансиска добивка, целта е интеграција, вработување и вклучување на лицата со инвалидитет во општеството, тоа е целта било каде, и во Македонија, и во ЕУ и во Словенија.“-вели психологот за професионална рехабилитација, словенката Шпела Реш.
Петдневните активности околу овој проект траат до петок со што ќе биде завршен првиот дел од овој пилот проект.
„Понатаму следи еден дел каде што од оваа група која сега е во моментов од 18 инвалидни лица, по избор на работодавачите кои исто така учествуваат во овој пилот проект, избраните лица ќе одат на работна обука, оспособување, да го видат работното место, кои им се работните задачи и очекуваме дека по завршувањето на тој дел од работата, кога ќе добијат позитивно мислење од Комисијата на Министерството за труд и социјална политика, дека можат таа работа да ја добија, ќе бидат вработени на неопределено време.“-рече управителот на Заедницата на заштитни друштва на Македонија, Владо Додевски.
Инаку носител на овој проект е токму Министерството за труд и социјална политика, а го спроведува во соработка со „Заповим“-Заедницата на заштитни друштва на Македонија, Агенцијата за вработување на Македонија односно Центарот за вработување во Охрид.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град