Нови авио чартер линии за зголемување на бројот на туристи во 2022 година, најавуваат од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. Се работи на авио поврзување со Измир, Тел Aвив, Белград и други дестинации. Впечатоците од претставувањето на туристичките потенцијали на земјава на саемите во регионот се позитивни.
Воведување нови чартер летови Измир-Охрид и Измир-Скопје како редовни линии, најавува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски по настапот на неодамна оддржаниот Источномедитерански меѓународен саем на туризам и патувања (EMITT) во Истанбул. Потврдени се и чартер конекциите на холандските и полските тур-оператори, а се очекува и соработка со тур-операторите од Руската Федерација како и воспоставување на новиот лет Тел Авив -Скопје на крајот од мај.
Според Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, голем е интересот за македонските туристички потенцијали, а токму поради тоа се очекува зголемување на бројот на туристи во текот на престојната туристичка сезона.
Во текот на летото очекуваме поголем број на турски туристи да не посетат. Во 2019 година турскиот пазар ни беше прв пазар во Македонија. Во 2021 година први се српските туристи. Преговорите течат за авио-линијата Белград-Охрид и се надевам дека во многу брзо време ќе имаме многу позитивни сигнали. Во 2022 година зачекоруваме кон една нова реалност каде што туристичкиот сектар покрај тоа што се прилагодува ќе треба многу брзо да стартува со нови понуди и нови промотивни кампањи. Остварив средба и со градоначалникот на Охрид ќе ја зголемиме соработката, промотивни информативни патувања и заеднички настапи на престојните меѓународни саеми – вели Јаневски.
Очекувањата според стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за реализација од 2,2 милиони ноќевања во 2021 година се надминати. Се реализираа 2,3 милиони, за годинава се очекуваат 2,5 милиони ноќевања.
Се надевам дека ќе имаме уште повеќе атракции уште повеќе адреналински сегменти во нашата понуда и многу повеќе туристи за разлика од 2021 година. Педесетина проценти повеќе имаме зголемување на бројот на ноќевања што во овој момент е многу поважно од бројот на туристи. Тие туристи кои што ги посетуваат нашите дестинации просечно повеќе остануваат односно приливот во туризмот се очекува да биде поголем и се надевам дека 2022 година ќе очекуваме нешто над 2,5 милиони ноќевања, сличен или ист прилив од туризмот како од 2019 година – смета Јаневски.
Од 24-ти до 27-ми март ќе се одржи Саемот во Белград каде Охрид заедно со туристичкиот сектор ќе ги претстави своите туристички можности.
Претставувањето и промоцијата на Македонија и Охрид во регионот е мошне значајно. Според статистиката во 2021 година има поголем број ноќевања на српските туристи отколку во 2019 година. Токму затоа годинава акцент ќе се става на промотивни активности во регионот и во традиционалните пазари.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град