Новата патека од мостот до хотел Парк веќе не личи на нова

Новата патека од мостот до хотел Парк веќе не личи на нова. На неа можат да се забележат остатоци од храна, стакло и отпадоци. Пешаците кои секојдневно ја користат за рекреација бараат ЈП Комуналец да ја измие и да светне во полн сјај. Од Локалната ветуваат дека со координација помеѓу ЈП Комуналец и ЈП Нискоградба деновиве ќе се измие патеката.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Патеката од мостот до хотел Парк по која секојдневно минуваат голем број граѓани кои ја користат за рекреација, но и како пат кој води до најблиските плажи, од кога се направи не е воопшто измиена. Остатоци од сладолед, овошје, стакло и други отпадоци оставиле зад себе несовесни граѓани. Од Локланата велат дека службите на ЈП „Комуналец“ од 5 часот наутро до 9 часот ја чистат патеката и ги отстрануваат отпадоците, ги празнат корпите и контејнерите и го одлагаат сметот на паркинг просторот кај Центарот за обука на вода од каде се подига, но признаваат дека патеката не е измиена.

Јасен ни е и нам проблемот со миење на плочникот на патеката . Но ЈП „Комуналец“ има едно поголемо возило за таа намена, но според стандардите како е правена патеката ние не смееме да го користиме него бидејќи можеме да ја оштетиме. Затоа во координација помеѓу ЈП „Комуналец“ и ЈП „Нискоградба“ деновиве се очекува со помало возило да се измие патеката, вели портпаролот на Локалната самоуправа, Томе Џамтоски.

Џамтоски додава дека покрај тоа што треба патеката добро да се измие претходно треба да се направи физичко и хемиско отстранување на гумите за џвакање кои несовесните граѓани ги фрлаат по патеката. Тој додава дека службите не можат толку да исчистат колку што некои граѓани кои немаат високо ниво на свест и совест можат да извалкаат. Друг проблем покрај хигиената е и оштетувањето на канделабрите на оваа патека како и крадењето на цветните насади.

Еден апел до граѓаните за поголема свесност за она што е наше заедничко добро и што сите заеднички го користиме, вели Џамтоски.

Од Локалната тврдат дека од ЈП „Комуналец“ редовно ги мијат и останатите улици низ градот, но дел од граѓаните не се согласуваат со тоа. Велат дека во летниов период тоа треба многу почесто да се прави поради големите горештини и распаѓањето на сметот поради што се шири непријатна миризба посебно во близина на контејнерите.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top