Новата авантура на „Гладијаторите“ започнува во четврток

Од четврток започнуваат новите возбудувања во ракометната супер лига. Охридските љубители на ракометот уште во регуларниот дел на лигата ќе можат да уживаат во мајсториите на најдоброто во Македонија бидејќи повеќе нема привилегирани екипи. Оваа сезона за градот на езерото ќе настапуваат млади играчи кои веќе се докажани и на интернационална сцена.

 |   | 

Со нови сили за нови победи, нестрпливо се очекува стартот на новата суперлига. Подготвителниот период е зад градскиот ракометен клуб Охрид во кој одиграа 6 натпревари преку кои играчите влегоа во задоволителна форма. Оваа година играчкиот кадар е освежен со ракометари кои веќе имаат забележително искуство во македонскиот ракомет. Нови лица во нашиот клуб се Шилегов, голманот Блажески, српското дуо Стефан Додиќ и Алекса Милошевиќ.

Со доаѓањето на Стефан Додиќ, имавме среќа да донесеме еден таков играч, јас сум задоволен како тренер, а мислам и управата. И останатите се истотака млади, но искусни некои биле и интернационалци и тој квалитет треба да го покажиме на терен и сигурен сум дека имаме една млада и компактна екипа – изјави за ТВМ, тренерот на ГРК Охрид, Раде Стојановиќ.

Во суперлигата од првото коло ќе настапуваат и досега привилегираните Вардар и Еурофарм Пелистер. Покрај нив тука се стандардно добрите Металург, Бутел и Пролет. Големи изненадувања се очекуваат од вториот тим на Еурофарм Пелистер и првиот противник на охриѓани, екипата на Тиквеш. Ако минатата сезона оценка беше дека македонскиот плејоф е најсилно натпреварување на бившите простори оваа година е направен уште еден чекор напред бидејќи многу екипи имаат изедначен квалитет. 

Ја пречекуваме екипата на ГРК Тиквеш, екипа која се засили оваа сезона и е еден респектабилен противник. За време на подготвителниот период изигравме еден пријателски натпревар и успеавме да издвојуваме победа. Во четврток се надевам дека ќе одиграме еден добар натпревар и повторно ќе се радуваме на победа.“ – изјави капитенот Крсте Андоновски. 

Уште една предност за охридските гладијатори е што публиката конечно се враќа на трибините. Според ковид протоколите дозволен е влез во спортската сала „Билјанини Извори“ на одреден број гледачи кои покрај влезница од 100 денари треба да поседуваат и ковид сертификат за присуство на организирани настани согласно здравствените мерки. Новата авантура на охридскиот ракометен клуб започнува во четврток во 18 часот и 30 минути. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top