Тимот на здружението за мултикултурна интеграција, “Инклузија”, започна со активностите за реализација на проектот „Низ една призма – сите сме исти“. Идејата е замислена согласно концептот “едно општество за сите”, а најголеми придобивки ќе имаат учениците и професорите од средните училишта во општината, како и останати млади и студенти.
Градење верска толеранција и соживот, интеркултурен дијалог преку зголемување на коминикацијата и соработката помеѓу средните училишта, факултетите и останатите млади луѓе од Охрид се идеите на кои се темели проектот „Низ една призма – сите сме исти“кој започна да го спроведува Здружението Инклузија.
„Главната цел е насочена кон градење интеркултурно и толерантно општество на сите заедници кои гравитираат во овој регион: Македонци, Албанци, Турци, Египќани, Власи, Бошњаци и Срби, за да се изгради засилена мултикултурна комуникација и дух на еднаквост и взаемно почитување. “ – вели Елена Ристеска – координатор на програма на „Инклузија“.
За успешно спроведување на прокетот Инклузија воспостави соработка со сите средни училишта во градот како и со универзитетот за информатички технологии “Св. Апостол Павле”. Факти и податоци за обичаите, културата и традициите на етничките заедници во Охрид ќе обезбеди Никола Митровиќ, директор на подрачната единица на државниот архив. Митровиќ како историчар и хроничар преку неговите приказни, ќе направи online прошетка низ најзначајните објекти, која ќе има за цел запознавање на заедничкото културно историско наследство. Проектот предвидува и пет работилници во средните училишта и една работилница во универзитетот “Свети Апостол Павле”, на теми како толеранција, дискриминација, предрасуди, стереотипи, насилство, говор на омраза.
„ Од активностите можам да го издвојам таканареченото “толерантно кафе”, кое ќе се одвива како дискусија на 20тина млади луѓе со претставници на Македонската православна црква, Католичката црква и Исламската верска заедница. Меѓу другото, месецот мај ќе помине во знакот на одржување на дводневниот мултикултурен камп и на мултикултурната визита. Мултикултурната визита ќе биде финална активност во овој проект, со која ќе се презентираат резултатите пред јавноста. Предвидено е активноста да се реализира на градскиот плоштад, со цел гостите и на учениците да се дружат меѓу себе, да вкусат традиционални јадења и да слушнат и видат музика и ора од различни етнички заедници, како и да погледнат мултикултурна ревија.“ – објаснува Ристеска .
Проектот “Низ една призма – сите сме исти”, е финансиран од Цивика мобилитас и Швајцарската агенција за развој, а ќе се имплементира на територијата на општина Охрид, до крајот на месец мај.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град