Несоработувањето на учесниците во сообраќајни незгоди проблем за судските вештаци

Поместување на возилата кои учествувале во сообраќајна незгода, напуштање на местото на несреќата, пропусти на увидните екипи. Ова се дел од предизвиците со кои секојдневно се соочуваат судските вештаци во обидот што поточно да ја разоткријат вистината за тоа како дошло до одредена сообраќајна незгода.

 |  Мишел Наумоски  | 

Однесувањето на учесниците во сообраќајни незгоди, пропусти од увидните екипи, договарање на своја рака помеѓу учесниците во незгодата, поместување на возилата. Ова се само дел од сериозните потешкотии со кои се соочуваат судските вештаци чија што основна цел е изведување на максимално точни вештачења како полесно и поквалитетно би се решиле судските спорови во случај на сообраќајна незгода. Ова, според директорот на Бирото за судски вештачења, Дени Ѓорчевски ќе значи намалување на трошоците и на осигурителните компании, и на лицата инволвирани во судските спорови.

“Ако квалитетно се приберат доказите на терен, а тоа го прават од Министерството за внатрешни работи, тие имаат проект кој ни го кажаа од Крим техника за подобрување на прибирањето на доказите кога ќе настане сообраќајната незгода, тогаш вештите лица би биле многу поточни, и ќе ја пресликаат ситуацијата која што се случила на терен, меѓутоа сите работиме на подобрување на тој дел така да и Крим техника во МВР спроведуваат одредено подобрување на тој дел односно на прибирање на повеќе докази од самиот настан, од сообраќајната незгода.”-вели Дени Ѓорчевски-Директор на Биро за судски вештачења.

Вештите лица кои работат на создавање на вистинската слика за тоа како навистина се случила сообраќајната незгода, велат дека им се случува нивната работа да биде дотолку отежната со направените евентуални пропусти од увидните екипи, но и со однесувањето на директните учесници во сообраќајната незгода.

“Многу е важно однесувањето на учесниците во незгодата по случувањето на сообраќајната незгода и самите го констатиравте тоа. Некои од учесниците и свесно го напуштаат лице местото што е кривично дело, но некои од учесниците кога формираат Европски записник и не се свесни дека треба да го сликаат местото на незгодата такво какво што е, иако на упатството на Европскиот записник, тоа веќе го пишува и тоа треба да се почитува. Поретко се почитува, и тоа создава понатака страшни проблеми. Доколку тоа се почитува ќе биде полесно за решавање на таа сообраќајна незгода.”-рече Драган Аксентиев-судски вештак.

Ваквите вештачења според доцент д-р Златко Јаќовски од Комората на вештаци на Република Македонија инволвираат многу страни и фактори и важно е истите да бидат што е можно поточно спроведени.

“Сите вештачења се комплексни и мултидисциплинарни, и потребно е едни вакви вештачења да се изведуваат тимски и секој еден експерт претставува фактички една коцка од мозаикот кој што помага на судските органи во правилно носење на квалитетна судска пресуда. Ни претставува големо задоволство што помагаме сега како коорганизатори на овој настан да се издигне нивото на судските вештачења од областа на машинството и сообраќајот, а Комората и во наредниот период продолжуваме со континуирана едукација од областа на медицината и останатите специјализации кои што се од интерес на вештачењето на судот.”-изјави Јаќовски.

Инаку Бирото за судски вештачења по трет пат веќе организира регионално стручно советување од областа на сообраќајно техничките вештачења во Охрид. Годинава учествуваат околу 150 учесници од Македонија, Косово, Србија и Чешка, а ќе бидат презентирани околу 25 стручни трудови од оваа област. Истиот е одлична можност за надградување на стручните знаења на вештите лица за поквалитетно решавање на судските спорови.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top